Холандскиот креатор на содржини Luke Patrick Hoogmoed предизвика бурни реакции на социјалните мрежи откако објави листа на европски градови според нивната чистота. Објавата брзо стана вирална и отвори дебата за тоа како различни луѓе ја доживуваат уреденоста на јавниот простор.
Според него, чистотата е важен показател за квалитетот на живот, бидејќи покажува колку жителите се грижат за својата околина и како се однесуваат кон заедничкиот простор.
На листата на градови кои оставиле полош впечаток се најдоа Атина, Амстердам, Лисабон, Париз и Брисел. Дел од јавноста беше изненаден што токму овие популарни туристички дестинации се најдоа во категоријата „нечисти“.
Од друга страна, како најчисти градови ги издвои Цирих, Братислава, Талин, Копенхаген и Варшава, кои според него се карактеризираат со уредени улици, ред и дисциплина во јавниот простор.
Објавата предизвика бројни реакции, при што дел од корисниците не се согласија со неговите оценки. Особено внимание привлече фактот што многумина сметаат дека и Љубљана заслужува место меѓу најчистите европски градови, па токму таа стана центар на дискусијата.
Ова не е првпат авторот да предизвика контроверзии. Претходно ги критикуваше цените и гужвите во Хрватска, препорачувајќи Црна Гора како поприфатлива алтернатива за патување, што исто така предизвика реакции.
Целата дебата покажува дека перцепцијата за чистота не е универзална, туку зависи од личното искуство, очекувањата и споредбата со други градови.