Најчести заболувања на желудникот – и кога симптомите се аларм за лекар

Како да ја разликувате функционалната „нервозна“ желудочна тегоба од сериозно заболување.

Желудникот може да боли на различни начини: како печење, стегање, тежина по јадење или остра болка што буди навечер. Овие симптоми често ги ставаме под еден заеднички „чадор“ и ги нарекуваме проблеми со варење. Во медицината, за овие тегоби се користи поимот диспепсија што подразбира нарушено варење кое може да има и функционални, и органски причини.

Лекарите разликуваат функционална диспепсија, кога со испитувања не се наоѓа органско оштетување, и органска диспепсија, кога постои видливо заболување на желудникот, хранопроводот или дванаесетпалачното црево. Кај функционалната форма, проблемот е во чувствителноста и мотилитетот на дигестивниот тракт, во рамнотежата на невротрансмитерите и во дејството на автономниот нервен систем, кој не го контролираме свесно, но е тесно поврзан со стресот, емоциите и навиките. Затоа тегобите често се менуваат во периоди на психички притисок, промена на средина или нередовна исхрана.

Кај органската диспепсија, во основа стои конкретно заболување туку тоа често е поврзано со зголемено лачење на желудочна киселина. Желудочниот сок содржи хлороводородна киселина (HCl), силна корозивна супстанца која нормално е заштитена со слој од слуз (мукус) и простагландини на слузницата. Кога ќе се наруши рамнотежата меѓу агресивните фактори (киселина, лекови, бактерии) и одбранбениот слој, доаѓа до воспаление, ерозии или улкус.

Лачењето на киселина има свој дневен ритам – се зголемува наутро, подоцна е релативно стабилно, а навечер опаѓа. Токму затоа се препорачува режим на исхрана што се приближува до „физиолошкиот ритам“: помали и почести оброци, задолжителен појадок, помал внес храна доцна навечер и доволен внес вода, која делумно го разредува желудочниот сок.

Меѓу најчестите заболувања на горниот дел од дигестивниот тракт поврзани со зголемена киселост се: гастроезофагеална рефлуксна болест (ГЕРБ), гастритис поврзан со Helicobacter pylori, ерозивен гастритис и улкусна болест, билијарен гастритис и карцином на желудникот.

Кај гастроезофагеалната рефлуксна болест, долниот мускулен прстен помеѓу хранопроводот и желудникот слабо затвора. Тогаш киселиот желудочен сок се враќа нагоре и ја надразнува слузницата на хранопроводот, која не е создадена да издржи киселина. Пациентите обично опишуваат печење зад градната коска, чувство на тежина по јадење, кисело подригнување и враќање храна во грлото, а често и влошување на симптомите навечер, особено по обилен или доцен оброк. Понекогаш се јавуваат и „атипични“ тегоби како гребење во грлото, сува кашлица, чувство на притисок или забрзано срце – што дополнително ги збунува пациентите.

Гастритисот поврзан со Helicobacter pylori денес се смета за најчеста форма на органска диспепсија. Половина од светската популација е носител на оваа бактерија, а кај дел од овие луѓе се развива воспаление на слузницата на желудникот, ерозии и чир. Тегобите најчесто се јавуваат како печење или притисок „во желудникот“, мачнина, чувство на подуеност и губење апетит. Дијагнозата се поставува со ендоскопски преглед и хистолошка потврда, или со неинвазивни тестови. Доколку се потврди инфекцијата, се спроведува комбинирана терапија со антибиотици и инхибитори на протонска пумпа.

Ерозивниот гастритис и улкусната болест се состојби во кои доаѓа до површни или подлабоки оштетувања на слузницата и ѕидот на желудникот или дуоденумот. Во современата пракса, честа причина е долготрајна употреба на лекови – особено нестероидни антиинфламаторни лекови, салицилати, кортикостероиди и одредени препарати за разредување на крвта. Овие лекови го намалуваат создавањето простагландини и го прават одбранбениот слој потенок. Симптомите може да бидат слични на „обичен“ гастритис, но болката и мачнината често се посилни. Опасни знаци се појава на темна, катранозна столица или повраќање на темна содржина – што упатува на крвавење и бара итен лекар.

Билијарниот гастритис настанува кога жолчката, наместо да остане во дванаесетпалачното црево, се враќа во желудникот и ја надразнува слузницата. Често се јавува кај лица кои имаат проблеми со жолчната кеса или ја оперирале. Симптомите обично се третираат симптоматски, но е важно состојбата да ја води лекар.

Најсериозната дијагноза во овој спектар е карциномот на желудникот, чија зачестеност расте, па дури и кај помлада возраст. Проблемот е што во почетните фази симптомите можат да бидат „обични“ диспептични тегоби. Затоа секоја сомнителна промена, особено кај пациенти со долготрајни тегоби, губење тежина или присуство на крвавење, мора да се испита ендоскопски и хистолошки.

За сите овие состојби, покрај лековите, исклучително важни се исхраната и навиките. Се препорачуваат помали и почести оброци, избегнување масна, пржена, зачинета и премногу топла или ладна храна, намалување на алкохол, газирани пијалаци и вишок слатки. Од друга страна, се препорачуваат варени јадења, посно месо, риба, овошје, зеленчук, житарици и благи чаеви, како и престанок на пушење.

Диспептичните тегоби често се појаки во есен и пролет, кога се менува начинот на исхрана и дневно-ноќниот ритам, а стресот се зголемува. Кај дел од пациентите, болките и печењето се поинтензивни навечер, што е поврзано со моториката на ѕидот на желудникот и лежечката положба.

Современите препораки велат дека првата дијагностика и лекување на диспепсија може да се спроведат на ниво на матичен лекар, особено со едукација за гастропротекција кај пациенти кои мораат да користат лекови што ја надразнуваат слузницата. Сепак, задолжително е упатување кај гастроентеролог доколку терапијата не помага, постои сомнеж за сериозно заболување или се јават „алармантни симптоми“ како што се: прогресивно влошување на болката, чести повраќања, брзо слабеење, знаци на крвавење или анемија и опиплива маса во стомакот. Во овие ситуации не треба да се оди на „самолекување“, туку веднаш да се побара стручен преглед.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни