Ако користите четирицифрен PIN-код за банкарска картичка, мобилен телефон, сеф или друг уред, вреди да проверите дали вашиот код е меѓу најчестите и најризичните. Анализа на милиони PIN-кодови покажува дека огромен број луѓе избираат комбинации што лесно се погодуваат, оставајќи ги своите финансии и лични податоци изложени на злоупотреба.
Истражувањето, пренесено од порталите UNILAD, се темели на анализа на податоци спроведена од Ник Бери од компанијата DataGenetics, кој обработил околу 3,4 милиони PIN-кодови и ги идентификувал најчестите и најретките комбинации.
10 најчести PIN-кодови што треба да се избегнуваат
Овие кодови се меѓу најкористените, и затоа најлесно погодливи: 1234, 1111, 0000, 1212, 7777, 1004, 2000, 4444, 2222. 6969.
Најчестиот PIN, очекувано, е 1234 – наједноставната можна комбинација. Проблемот, според експертите, е што корисниците често избираат „лесно паметливи“ броеви, како повторувања или симетрични обрасци, кои напаѓачите први ги тестираат.
Зошто датумите на раѓање се лоша идеја
Истражувањето покажува дека и години на раѓање често се користат како PIN-кодови. Така, 2000 се наоѓа меѓу најчестите комбинации, а 2001 е на 20-то место. Вкупно, 20-те најчести PIN-кодови сочинуваат дури 26,83 проценти од сите анализирани комбинации, што значи дека повеќе од една четвртина од луѓето користат крајно небезбедни кодови.
Кои PIN-кодови се најретки?
Најреткиот PIN во анализата е 8068, кој се појавил само 25 пати од вкупно 3,4 милиони случаи. Интересно е што 20-те најмалку користени PIN-кодови немаат еден заеднички елемент: ниеден не започнува со бројките 1, 2, 3, 4 или 5.
Mал број, голем ризик
PIN-кодот е еден од најосновните, но и најчесто занемарени безбедносни механизми. Не станува збор само за банкарски сметки, туку и за пристап до телефони, дигитални паричници, па дури и до работни системи. Ако некој го погоди вашиот PIN, вратата е отворена за финансиски и идентитетски злоупотреби.
Експертите советуваат избор на PIN без очигледни обрасци, без повторувања и без лични податоци, како и редовна промена на кодот – особено ако се користи на повеќе уреди.
