На 19 јануари 2026 година, Стојанче Јовановски ја посетил сопругата Ивана на Клиниката за дигестивна хирургија. Пред присутен болничар и пред сопственото дете ја турнал по скали. Таа паднала во бесознание. Клиниката повикала полиција. Дошле и две службенички од Центарот за социјални работи – разговарале со Ивана, виделе што се случило, биле на лице место.
Јовановски не бил уапсен. Го зел детето од болницата и си заминал.
Предупредувањето кое никој не го послушал
Она што се случи на 19 јануари не е изненадување. Не е ни исклучок. Државниот завод за ревизија уште во август 2025 година јавно констатирал дека мерките на институциите не обезбедуваат ефективна заштита на жените жртви на семејно насилство. Од ДЗР дале 34 конкретни препораки до Владата, Министерството за социјална политика, демографија и млади, Министерството за здравство, МВР и центрите за социјални работи.
По тој извештај не е донесена нова национална стратегија. Координативното тело формирано да го следи спроведувањето на Истанбулската конвенција одржало три седници за четири години – наместо квартално, како што е предвидено. Засолништата покриваат 67 легла наместо предвидените 184. Цели региони се без ниту едно засолниште.
Извештајот не бил тајна. Бил јавен. Никој не помрднал со прст.
45 дена за информација која пешки ќе стигнеше побрзо
Тепањето во паркот во Ѓорче Петров се случило на 19 декември 2025 година. Јовановски ја удирал Ивана пред шестгодишното дете, среде бел ден, пред сведоци. Ивана Белчева, која го посведочила настанот на лице место, толку се вознемирила што самата го гушнала детето за да го заштити. Полицијата излегла на терен, обезбедила видеоснимка, го евидентирала случајот.
На Центарот за социјални работи Скопје информацијата му стигнала на 2 февруари 2026 година. Четириесет и пет дена подоцна.
Процедурата налага дека по секој регистриран случај на насилство социјален работник и психолог се должни да извршат проценка на ризик – за жртвата и за детето. Без разлика дали жртвата поднела формална пријава.
Таа проценка никогаш не била направена.
Биле таму и не направиле ништо
Ина Многуфина, влијателна фејсбук личност чии статуси за овој случај се шират на социјалните мрежи, директно именува: „ЦСР да не пробуваат да се перат со ‘не знаевме’ – биле на лице место и ништо не направиле. Можеле да проценат ризик и без нејзина пријава.”
Точно. Во болницата на 19 јануари биле присутни болничар, полицајци и две службенички на ЦСР. Сите виделе. Никој не реагирал. Тој си заминал со детето.
Неколку недели подоцна, Ивана и ќерката завршија на плочникот пред зградата во Тафталиџе. Стојанче Јовановски е осомничен за наведување на самоубиство.
Лична одговорност, не затскривање зад „системот не чини”
Ова не е системски пропуст – тоа е реченица која служи за да не се именуваат одговорните луѓе. Системот го сочинуваат луѓе кои потпишуваат, одлучуваат и одговараат.
Постојат конкретни патишта до одговорност. Член 353 од Кривичниот законик предвидува одговорност за несовесно вршење на службена должност – семејството на Ивана, невладините организации и јавниот обвинител по службена должност можат да поднесат кривична пријава. Државниот инспекторат за труд и социјална политика може да покрене инспекциска постапка против ЦСР. Пратениците можат да постават јавни прашања до министрите – на запис, со обврска за одговор.
А министрите кои раководеле со институциите додека извештајот на Државниот завод за ревизија собирал прашина – треба да размислат за оставка. Не само од морални причини, туку и за да овозможат истрагата да се одвива без политички притисок од врвот.
Дисциплинска постапка и казна со процент од плата не се одговор за двајца мртви.
Одговорноста треба да се бара со имиња – од службеникот кој не реагирал до министерот кој не прочитал.