Пет години откако програмата за социјалното менторство (за вработување и работна интеграција) се создаде во Македонија, го раздвижува пазарот на труд и во земјите во регионот преку ментори сертифицирани од страна на ПАБЛИК и нашето Министерство за образование и наука. Преку босанската организација КУЛТ во Босна делуваат осум социјални ментори, а вкупниот број на ментори обучени од ПАБЛИК во регионот е околу 80.

Наида е една од нив. Taa e и психолог и психотерапевт со над 20 годишно искуство во развој на човечки ресурси со посебен фокус на обликување на организациските процеси, и преку оваа посветеност таа станала вистински ентузијаст за процесот на развој на луѓето и нивно јакнење. Веќе две години како социјален ментор, Наида работи на она што таа го нарекува “мост што поврзува две страни кои често не се разбираат: младите и работодавачите” – со моќ да ги усогласи очекувањата, да поддржи и да му даде на пазарот на трудот она што навистина му треба.
Таа во интервјуто за ТРН потенцира дека со вклучување на ментори во системот за вработување, пазарот на трудот добива нешто што му недостасуваше со години – човечка компонента што овозможува не само наоѓање работа, туку и нејзино долгорочно задржување.

Трн: Кои се придобивките од социјалното менторство (менторство за вработување) за млада личност која штотуку треба да излезе на пазарот на труд?
Наида: Во време кога младите луѓе често талкаат помеѓу сопствените желби, очекувањата на околината и барањата на пазарот на трудот, социјалното менторство во суштина станува просторот каде што младиот човек за првпат запира – и се слуша себеси. Таму, во таа безбедна зона и врска со менторот, започнува откривањето на тие скриени капацитети и силни страни што им биле пред носот целиот живот, но не ги виделе. Придобивката е многу поширока од само наоѓање работа: младата личност добива јасност, повратни информации што ја градат, чувство дека може и поддршка што расте заедно со растот на менторираното лице. Тоа е моментот кога внатрешната светлина на една личност, претходно непрепознаена, го добива своето име и форма.
Трн: Што вели твоето искуство, кои се предизвиците со кои се соочуваат младите луѓе при вработувањето?
Наида: На денешниот пазар на трудот, младите луѓе одат по тенка линија помеѓу сопствените очекувања, реалните можности и барањата на работодавачите, кои се менуваат побрзо отколку што можат да напишат ново CV. Тие се соочуваат со несигурност, недостаток на самодоверба, чувство на неподготвеност и неразбирање на „правилата на играта“. Често го носат и тивкото верување дека немаат доволно да понудат, дека се „само почетници“, не знаејќи дека нивната најголема сила лежи токму во тој почеток. Ова несовпаѓање – помеѓу она што младите луѓе мислат дека е потребно и она што навистина му е потребно на пазарот – честопати ги остава заглавени помеѓу желбата и реалноста.

Трн: Kако социјални ментори, како давате одговор на овој предизвик?
Наида: Менторството е простор каде што се расплетуваат јазлите. Тука стигнувате до сржта на проблемот – без разубавување, но со длабока верба во потенцијалот на младиот човек. Менторот го гледа она што младиот човек сè уште не може: ги мапира капацитетите, помага да се идентификуваат силните и слабите страни, заедно со младото лице гради план и насочува кон реални, остварливи чекори. Наместо младите луѓе да погодуваат што сакаат работодавците, менторот им помага да се подготват – не само за интервју за работа, туку и за долгорочна навигација во професионалниот живот. Тоа е поддршка што и охрабрува и бара вклученост и будност од страна на младото лице. И секогаш води кон раст.

Трн: Како би дефинирале што е социјален ментор?
Наида: Социјалниот ментор е светилник. Не некој што управува со туѓ брод, туку некој што стои цврсто, стабилно и јасно, покажувајќи го патот кога темнината паѓа околу младите. Менторот е личност кој не го решава нивниот живот наместо нив, туку осветлува можности, покажува каде се карпите и каде е отвореното море. Менторот во процесот на вработување е тивок сојузник, некој што верува во менторираниот дури и пред тој да верува во себе. И кога млад човек ќе го направи првиот чекор кон работата, јасно е дека тоа не е победа за менторот – туку потврда дека светлината е поставена на вистинското место.
Трн: Дали и како социјалното менторство влијае на променливиот пазар на трудот?
Наида: Во свет каде што пазарот на трудот ја менува формата од месец во месец, социјалното менторство станува мост што поврзува две страни кои често не се разбираат: младите и работодавачите. Менторството има моќ да ги усогласи очекувањата, да ги подготви младите за реални барања, но и да им покаже на фирмите зошто е важно да се инвестира во луѓе, а не само во процеси. Со вклучување на ментори во системот за вработување, пазарот на трудот добива нешто што му недостасуваше со години – човечка компонента што овозможува не само наоѓање работа, туку и нејзино долгорочно задржување. Во еден свет што се менува, менторството станува константа што им е потребна на младите – но и алатка што пазарот на трудот мора да научи правилно да ја користи. А за пазарот на трудот навистина да го препознае менторството, потребно е повеќе од повремени проекти и декларативна поддршка. Интегрирањето на менторите во самите процеси на регрутирање е неопходно: од мапирање на компетенции до подготовка на кандидатите за работата. Работодавците треба да разберат дека менторот не е само поддршка за младите луѓе, туку и за нив – бидејќи им носи подобро подготвени, постабилни и помотивирани кандидати на долг рок.
Можеме да сметаме дека пазарот на трудот го препознал менторството тогаш кога почнува да го гледа како партнер, а не како дополнителен трошок. Кога компаниите и институциите почнуваат да вклучуваат ментори во планирањето на вработувањето, програмите за пракса, кариерните центри и активните мерки за вработување, тогаш менторството станува дел од системот, а не само добра волја. Тоа е моментот кога пазарот разбира дека квалитетот на работната сила не се создава на денот на интервјуто за работа, туку во месеците на подготовка, размислување и поддршка што ги овозможува менторството.
Со други зборови: пазарот на трудот ќе го препознае менторството тогаш кога во него ќе види решение. И кога конечно ќе разбере дека стабилен, зајакнат и подготвен млад човек не е само успех на менторот – туку долгорочна добивка за целиот систем на вработување.
l
