Врачени наградите на МТФ „Војдан Чернодрински“

„Црна дупка“ на Струмичкиот театар најдобра претстава, „Иванов“ на МНТ со седум награди

Претставата „Црна дупка“ на струмичкиот театар „Антон Панов“ ја доби наградата за уметничко остварување на претставата во целина на Меѓународниот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“. Оваа претстава е по текст на Горан Стефановски, а работена во режија на Љупчо Ѓоргиевски.

Струмичкиот театар по 45 години од историјата на овој фестивал, ја добива наградата за најдобра претстава, токму оваа година прославува 75 години постоење. Постарите прилепчани ги знаат добрите времиња на струмичкиот театар, кога освојуваше награди. Се надевам дека ова ќе ни биде поттик за следната година, имаме тим, актери, техники, голема благодарност до режисерот Љупчо Ѓоргиевски во името на целиот ансамбл – рече Драган Маџиров, раководител на театарот.

За улогата на Силјан во истата претстава, актерот Васил Михаил ја освои наградата за најдобра машка улога.

-Посебно ми е драго што оваа награда ми се случи според текст на Горан Стефановски, во пиесата базирана на митот за Силјан Штркот, запишан од Марко Цепенков, уште еден прилепчанец. Горан праќа уште подлабока порака а тоа е дека овде во овој живот треба да го побараме она што постојано мислиме дека недостасува. Таа друга страна на животот – љубовта. Ви благодарам – рече Михаил.

Освен за главна машка улога, претставата „Црна дупка“ ја освои и наградата за женска епизодна улога. Актерката Анкица Бенинова ја доби наградата за улогата на Сања во претставата.

Седум награди на „Војдан Чернодрински“ освои претставата „Иванов“ на МНТ, вклучително и наградите за најдобра режија на режисерската Зоја Бузалковска, главна женска улога за Дарја Ризова за улогата на Саша.

-Ваков тип на претстава како „Иванов“ не е возможно да го направите ако немате колектив во вистинската смисла на зборот – актерите, цел сценографски тим, која работеше на тоа да биде возможно во овие не баш поволни услови за играње големи претстави, какви што во моментов ги имаме во Прилеп. Во тие услови успеавме да направиме магија, за жал некои луѓе не видоа делови од претставата и многу им благодарам што останаа до крај. За крај, ќе се заблагодарам на жирито, на целиот прекрасен тим – рече Бузалковска.

Актерката Ризова, примајќи ја наградата за најдобра женска улога исткна дека ова ѝ е трета награда на „Чернодрински“ на што е горда бидејќи има корени од Прилеп.

-Голема благодарност до моите прекрасни колеги од претставата, кои со голем труд влегоа во овој процес и без нив немаше да бидам тука. Благодарам на мојот другар и колега Благој, фала ти што секогаш си тука покрај мене и во најтешките моменти од животот. Оваа награда ја посветувам на нашето долгогодишно другарство – тоа е најважно – рече Ризова.

Уметничката директорка на фестивалот, Ана Стојаноска истакна дека да се создава фестивал значи да се раѓа една креативна идеја, концепт, смисла, приказна и таа да може да се чита на сите можни начини.

-Да се создава театарски фестивал во Македонија, а посебно во Прилеп, значи да се бориш со сите ветерници, а истовремено ветрот во грб да ти го дуваат сите помошници од првиот до последниот. Една огромна работилница од 7 месеци, четири работилници тука, една изложба, 11 претстави во официјална конкуренција, пет во придружна, секојдневно учество на Скомрахите, Театроск, Разговори на тркалезна маса, промоции на книги, презентации, ден на Горан Стефановски, филм, музика и дружења. Вие драга публико, сте мојата лична победа, затоа вам јас ви се поклонувам! – рече Стојаноска.

Покровители на 58. МТФ „Војдан Чернодрински“ беа: Министерството за култура и Општина Прилеп. Спонзори на фестивалот се: Пакомак, Витаминка, Прилепска пиварница. Пријатели на фестивалот се: Центарот за култура „Марко Цепенков“ – Прилеп, Градската библиотека „Борка Талески“ – Прилеп, Театар за сите, Самоглас, Умно.мк, Јавен простор – Прилеп, Гледај.мк, Театроск, Факултет за драмски уметности, Донирај компјутер, Урбан ера. Пријатели на фестивалот се: Бит крафт, Карé и Смарт Ливинг, Македонија осигурување, Крин производство Прилеп, Аура, Клуб Калинка, Кафе-бар Тротоар, Кафе бар Чоше, Кафе бар Лувр, Брос бургерс, Монарка гастробар, пекара Алекс, Национален ресторан „Македонска куќа“, Центарот за современа ликовна уметност – Прилеп, Такси 5, Лусио Стор, Уан бајт и хотелите Кристал Палас, Атлас и Салида. Медиумски покровители се Македонската радио-телевизија и Трн.мк.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни