Taлентот oд Македонија се препознава во странство:

Дипломскиот филм на Тина Величковиќ и Димитар Атанасоски награден на ,,Silver Frame Film Festival”

Филмот ја доби наградата за најдобар регионален студентски краток филм на ова издание со што уште еднаш покажува дека и покрај сериозните предизвици со кои се соочува филмската продукција во Македонија, државата има сериозен потенцијал на ова поле кој мора да се негува и да се работи на него.

На годинешното издание на интернационалниот филмски фестивал Silver Frame Film Festival кој оваа година се одржа во Сребреница, со награда се закити студентскиот дипломски филм на Тина Величковиќ и Димитар Атанасоски насловен како ,,Сенките на месечината”.

Филмот ја доби наградата за најдобар регионален студентски краток филм на ова издание со што уште еднаш покажува дека и покрај сериозните предизвици со кои се соочува филмската продукција во Македонија, државата има сериозен потенцијал на ова поле кој мора да се негува.

,,Silver Frame Film Festival” е значаен настан кој се фокусира на обезбедувањето простор за креативен дијалог, соработка и рефлексија обележан преку Сребреница и длабоката траума на војната. Идејата на фестивалот е поврзана со историското значење и вредностите на градот кои се рефлектираат во желбата за солидарност, мир и праведност. Во таа насока и целата програма на фестивалот е насочена кон оддавање почит на надежта и отпорноста.

Добивањето на оваа награда на ценет филмски фестивал за нашите студенти и културни работници е важна како за поттикнување на идната филмска продукција кај младите, така и во придонесот за нејзиното будење.

Тина Величковиќ е студентка на Катедрата за режија на Факултетот за драмски уметности, по чие сценарио и режија е работен филмот кој е награден на овој филмски фестивал, додека Димитар Атанасоски кој е директор на фотографија на филмот, студира на отсекот на Филмско и ТВ снимање. Тина и Димитар се продуценти на краткиот филм заедно. Вреднувањето на квалитетот и потенцијалот на најмладите културни и филмски работници не само што покажува дека во оваа земја има талент и креативна сила, туку и дека креативната работа и посветеност можат да вродат со прекрасни плодови.

Kaко што вели Тина, филмот ја обработува темата за соопштување на смрт на мало дете и во процесот на барање на одговорите, како возрасните сфаќаат дека и самите мораат да најдат начин како да ја разберат смртта, особено кога станува збор за блиски луѓе. Во приказната има блага критика и осврт на условите кои ги нема во нашите болници и колку тоа што се случува по здравствените установи се смета за нормално, а е далеку од нормално.

Таа додава дека најубавата работа во правењето студентски или воопшто независен филм е дека се знае дека сите кои се таму и кои работат и помагаат на филмот немаат никаква корист, нема да заработат никакви пари, тоа го прават чисто од љубов. И кон филмот и кон луѓето кои работат. Смета дека тоа е најубавата и најблагородната работа која сите може да ја доживеат и искористат како студенти. Студентските независни филмови немаат никаква финансиска помош според неа, никакви финансиски средства. Она што било сработено на филмот е сработено од филмски работници и студенти на ФДУ кои само сакале да помогнат да се заврши дипломската работа успешно. Исто така, филмски продукции кои помогнале на сите можни начини, кои обезбедиле опрема што недостасува, превоз и слично.

За Димитар, наградата претставува една потврда за вложениот труд, напор и голема посветеност која ја има кон работата. Таа е одлика дека тоа што се создава движи во вистинска насока и е препознаено од стручни и искусни очи на филмските критичари. Вели дека има премногу предизвици кога се работи филм кај нас, но би сакал да издвои дека секој е во тоа со причина и секој мора да го помине. Смета дека со секој проект се созрева, и се учи како со никакви ресурси се прави многу. Тоа ја повлекува и таа креативна нота кога некои работи финансиски или продукциски не се возможни, па има обиди да се најдат различни креативни решенија во нивна замена. Сето тоа на крај придонесува за развој и за предизвиците кои следат во иднина. Тој додава дека навистина ужива во снимањето и дека секогаш е исполнет во тој дел, а го издвојува процесот на подготовка на филмот како најмагичен.

Фотографии: Стефан Ѓорѓиевски

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни