Наградата за музејска работничка на годината е одговорност и предизвик за нови походи

Ана Франговска, историчар на уметност, виш кустос во Национална галерија, куратор на бројни домашни и меѓународни проекти, го доби признанието за најдобар музејски работник за 2022 година од страна на македонската секција на ИКОМ (International Council of Museums). За неа ова признание претставува ветар во грб кое истовремено и носи одговорност секоја наредна година да биде уште поуспешна од претходната. Таа е вработена во Националната галерија речиси две децении и има поставено бројни изложби, а Галичката ликовна академија која опстојува веќе 34 години ја наследила од нејзиниот татко, нејзиниот идеен творец, и седум години успешно ја реализира сама.

Трн: Годинава го добивте признанието за најдобар музејски работник за 2022 година од страна на македонската секција на ИКОМ (International Council of Museums). Кој е вашиот најзначаен проект изминатата година? Колку изложби поставивте лани и што значи оваа награда за вас?

Ана: Оваа награда, како и секое друго признание, претставува стимул, ветер в грб, но и конфирмација за вредноста на сработеното и на вложениот труд. Тоа значи дека она во што професионално се вложувате максимално било забележано од колегите, добило визибилност и валидизација. Но, наградите и признанијата претставуваат и одговорност и предзивик за континуирано одржување на нивото на професионалност и во иднина и реализација на уште многу други проекти.

2022 беше плодна година, во текот на годината реализирав неколку значајни проекти и институционално и како независен куратор. Меѓу нив изложбата „Флуксен идентитет“ во соработка со Канадската амабасада, како ко-куратор на Светлана Младенов (српска кураторка); организирање на македонскиот павиљон на 59-то Венециско биенале, со изложбата Landscape Experience на Роберт Јанкулоски и Моника Мотеска; проектот „Под површината има уште една површина“ на афирмираниот млад албански уметник Дриант Зенели; изложбата „Портретот во фокус“- ретроспективна изложба на портретното творештво на најстариот жив македонски скулптор, Илија Аџиевски; изложбата „Natura in Vita/Vita in Natura“ на Јана Луловска; изложбата „Ретро: телесни ретроспективи“ на Јана Јакимовска во Музејот на современата уметност; соработник на многубројни проекти со амбасади, конзулати и културни центри; предавање во рамки на Манифеста 14 на тема „Обид за помирување“ за јавниот простор и уметноста кај нас, учество на конференции: Конференција по повод 75 години од оснивањето на Институтот за историја на уметност и археологија, Дојран; Kонференцијата „На работ на климатската катастрофа: уметност, култура, екологија и креирање политики во 21 век“ во организација на Локомотива итн.

Од многубројните проекти и активности во текот на 2022 најобемен, најзахтевен и најцелисходен беше организирањето на македонскиот павилљон на Венециското биенале и комплексната изложба Landscape Experience која доживеа неверојатен успех на домашната и меѓународна сцена и исклучитено високо ниво на видливост заради својата моќна и универзална хуманистичка порака.

Трн: Галичката ликовна колонија чиј основач е вашиот татко, уметникот Нове Франговски, вие ја продолживте како аманет од него. Со какви предизвици се соочувате при поставување на Галичката ликовна колонија? Колку  успевате на овој начин не само да го продолжите неговото дело, туку и да му дадете свој белег?

Ана: Ликовната колонија Галичник за мене е составен дел од мојот живот и тоа што сум денес. Чинам дека таа придонесе да се профилирам во историчар на уметност и сестран куратор со добри организаторски способности, што е исклучително важно во успешно вршење на захтевната кураторска работа која вклучува и организација, и менаџирање, и продукција, и планирање, и осмислување на стратегија за промоција и маркетинг итн.

Татко ми ја почна оваа колонија во 90-те години на минатиот век, и ја издигна на едно завидно ниво на професионалност и квалитет, препознатлива и локално и регионално. Кога веќе се оформив академски како историчар на уметност, кон крајот на 90-те и почетокот на новиот милениум, се вклучив активно и во организацијата на колонијата, а не само како испомош. Заедно со татко ми бевме одличен тим, се поддржувавме, исклучително си помагавме и си бевме потпора и во добро и кога ќе се појави препрека или предизвик на патот. Сакавме оваа колонија постојано да биде свежа, професионална и со елементи на посебност и уникатност. Постепено ги следевме новите промени на ликовната сцена и почнавме да вклучуваме покрај класична и ново-медиумска уметност. Сега, оваа колонија веќе цела деценија се занимава исклучиво со современа уметност и нови-медиуми. Годинава ќе се одржи традиционалната 34-та по ред колонија, со работна тема „Колонизација/деколонизација на природата“, а ќе вброи 10 меѓународно реномирани уметници од целиот свет. Кон крајот на годината, во месец ноември ја предвидуваме и биеналната изложба од сесиите 2022 и 2023 која ќе биде поставена во мултимедијалниот центар Мала станица.

Веќе седум години сама ја реализирам колонијата, откако татко ми почина, и колку и да ми е тешко, аманетот оставен од него го продолжувам со гордост и со исклучителна одговорност, љубов и посветеност.

Со кои предизвици се соочуваме? За жал културата во нашата држава наместо да биде една од гранките (заедно со спортот) која единствено може гордо и достојно да не претставува насекаде низ светот (и согласно условите тоа и го чини), таа е само фон и памфлет за различни индивидуални промоции и популизам. Да, не треба постојано да се критикува и плаче, благодарни сме што колонијата е постојано поддржувана од страна на Министерството за култура, но општо, буџетите за култура се минимални. Личниот удел, знаењето и искуството во соодветно манипулирање во дадените услови и можности, не прават совршени професионалци, кои можат да се соочат со секакви предизвици. Ова е и предност од работење во екстремни услови, да, и кога на сето тоа ќе се додаде и од зачинот љубов, посветеност, истрајност, резултатот е одново успешен проект со надминати препреки на патот.

Трн: Зошто се одлучивте за еколошка тема на Галичката ликовна колонија?

Ана: Темата е „Колонизација/деколонизација на природата“, одново еколошка тема, како исклучитено важен проблем за подигнување на свеста и за повторување на лекциите, кои за жал никако да ги научиме. Галичник, за кого велиме дека е „блиску до бога“ и негибнат од човекот, сепак се гуши во отпад и во меморирање на многубројни повреди кои ние луѓето свесно или несвесно му ги нанесуваме. Имаме ли право да ја колонизираме природата, кои се границите на искористување на нејзините добра и како да ја ослободиме од нашите пранги. Тоа се прашањата на кои ќе дискутираат и творат овогодинешните учесници на 34-та Ликовна колонија Галичик.

Трн: Со оглед на фактот дека имаме доволно материјали да наполниме многу музеи земајќи предвид нашето богато културно историско минато, што значи тоа за културата на една земја, дали тоа е еден вид виза за да излезе и надвор од нашите граници?

Ана: И погоре начнавме дел и од овие проблематики, а тие се врзани директно со градење на јасна национална културна стратегија која потоа ќе се спроведува во сите институции без исклучок. Имаме национално културно благо на кое би ни позавидел цел свет, токму така како што велите, да наполниме многу музеи и галерии, или да менуваме поставки и изложби, но немаме доволен професионален однос и одговорност пред тоа национално благо. Сами сме си џелати на себе. Ако државата не се грижи каде и како се чува, изложува и афирмира културното благо, ако не реагира на аларми и приоритети, што очекуваме од менаџерите и индивидуалните културни работници, тие со сопствените интелектуални и физички капацитети да ги заштитат?! Говориме за соодветни услови за складирање, говориме за соодветни лаборатории за конзервација, реставрација и заштита, говориме за адекватни системи за контрола на условите за нивно чување, осигурувања и алармни системи, лиценцирани чуварски служби, професионални стручни и технички служби… базични услови за соодветно музејско функционирање. Без систем, приоритетност и соодветна грижа за културното наследство нема плодни услови за излегување надвор од границите, кога и во сопствените граници односот ни е индолентен, несоодветен, летаргичен и неодговорен.

Трн: Во вашето богато искуство стоите зад многубројни проекти, изложби што несомнено го предизвикале вниманието на јавноста. На кој начин ги бирате и колку време ви треба за да подготвите една изложба? Како оди целиот процес?

Ана: Кога работите во институција, изборот и одлуката за курирање на изложби најчесто е самостојна и по сопствен предлог, но се случува и да ви доделат проект кој не секогаш е по ваш ќеиф, а морате професионално да го изработите како работна обврска. Оние кои се индивидуални ги избирате или по сопствено истражување и желба за презентирање на одреден уметник, група уметници, проект, или во разговор со и по барање на уметник кој сака да соработува со вас, па заеднички градите еден комплетен и темелен концепт. Во изборот за соработка секако дека влијаат сродните теми на интерес помеѓу кураторот и уметникот; сличните вредносни и визуелни критериуми кон кои стремат и кураторот и уметникот и симултаното надополнување и непречена комуникација помеѓу кураторот и уметникот. Ова се совршени примери на колаборација кои ги наведов, а секако има и исклучоци и неподобности, бидејќи работа со уметници е комплексен процес, но барем еден квалификатив од наведените треба да превагне за да се добие успешен резултат и проектот да има добра медијација со публиката.

Времето за подготовка на една изложба е долго, бидејќи во подготовка на еден проект не спаѓа само тесниот термин на поставување и отворање на настанот. Во хронолошката рамка влегуваат и преговорите и дискусиите со уметниците, правења на планови за временски зони и реализација на пропратните обврски; осмислување на стратегии за промоција и презентација; договарање на продукцискиот процес и активна консултација со уметниците за целиот процес; документација на процесот; теоретско истражување на темата на интерес и правење паралели; пишување текст; координација на изготвување на промотивниот материјал – каталог, плакат, банер, катер букви, легенди, преводи; вклученост во изготвување на тендери (заедно со вработените од администрација) за спроведување на продукциските потреби; менаџирање на сите тимски работници вклучени во процесот на поставување како техничари, хигиеничари; изготвување на објави за медиуми и социјални мрежи и нивна медијација со одделението за маркетинг; отворање; анимација на публика; вклученост во едукативни содржини за целото времетраење на проектот, итн. Сите овие таксативно наредени обврски се само еден мал сегмент од целиот процес на курирање и менаџирање на една изложба, а најкусата временска рамка за еден систематски организиран проект е најмалку една година.

Трн: Успеваме ли да бидеме во чекор со светската сцена и колку Македонија има да понуди на ова поле, од областа на уметноста?

Ана: Да, успеваме, и покрај сите потешкотии на патот и импровизации за кои веќе говоревме. И оваа потврдна реченица ја произнесувам со полна одговорност за нејзината адекватност. Проблемот зошто тоа не е лесно воочливо и видливо – дека сме во чекор со светската сцена, е тенденцијата за негување на медиокритетството и просечноста како квалификатив во нашето општество. За жал, институциите немаат строга културна политика и правила за презентирање само на проекти со исклучителни визуелни и општествено-социјални вредности. Општествената и хуманистичка декаденција се случува во сите полиња на битисувањето, следствено и во културата. Малкумина се оние кои гласно се борат против ваквата анахроност во уметноста, заради која проектите кои се со-времени (пријатели со времето, според терминот на Борис Гројс “Comrads with the time”) со светската сцена не добиваат на видливост во останатата бара на просечност. Радува фактот што има млади уметници и нови генерации кои полека, но сигурно ветуваат дека доаѓаат нови сили кои ќе се занимаваат со најсовремени, транс-тактички процеси во уметноста, освојувајќи ја и локалната и меѓународната сцена.

Трн: Имате ли вие омилена изложба која сте ја подготвувале и дали имате ваша колекција од омилени уметници?

Ана: Ако зборуваме за изминатата година, тогаш тоа е дефинитивно комплексното организирање на македонскиот павилјон на 59-то Венециско биенале и проектот Landscape Experience, кој постигна таков успех благодарение на моќниот проект, но и одличната соработка со Роберт и Моника во целиот процес на припреми. Тоа е тој линк на разбирање, поддршка и заедништво кој е особено важен во едно тимско функционирање, а добриот дух се чувствува и во етерот за самото времетраење и презентирање на проектот. Уште едно неодамнешно комплексно искуство, од кое многу научив и стекнав поголема професионална етика е организирањето на проектот „Допирот“ кој беше дел од настанот „Идни екологии“ во заедничка оранизација со Британскиот совет и Лукс- агенција за подвижни слики во 2021 година. И првиот и вториот споменат проект го иницираа размислувањето и делувањето на темите егзистенција, апсурдност на злото, екологија и заштита на животната средина како неминовно важни и општествено одговорни теми, но и ме научија дополнително за сестраниот интерес во организирање и промовирање на еден проект.

Омилени уметници? Долга е листата и на омилени и на пријатели помеѓу уметниците од различни генерации. 

Трн: Која изложба ќе ја подготвувате во наредниот период?

Ана: За крајот на септември ја подготвувам изложбата „Космогонија“ на маестро Симон Шемов, која ќе ги презентира истражувањата од последново десетлетие на овој исклучително важен уметник за развојот на македонската модерна и современа уметност. Подготовките се интензивни и во завршна фаза, а публиката чинам дека ќе ужива во прекрасната  интелектуално – визуелна „прошетка“, која ни ја подготви уметникот, низ универзумот, игрите, знаците, традицијата, филозофијата. Потоа следуваат уште неколку мошне важни изложби и тоа најновите истражувања на уметникот Томе Аџиевски; мултимедијален проект на Гоце Наневски во соработка со Доријан Јовановиќ; проектот „Од поинаков дискурс“ со д-р Иван Џепароски кој ќе ги истражува делата од колекцијата поврзани со флората и фауната итн. Во меѓувреме ќе ја организирам 34та сесија на Ликовната колонија Галичник во август и изложбата на последните две сесии од 2022 и 2023 година која е планирана за ноември. Што би се рекло: полни раце работа и предизвикувачки и инспиративни проекти.

А предизвици за идни проекти има многу, но да не ја отвораме пандорината кутија и релацијата желби vs можности! Останува надежта дека ќе свртиме нов лист, но кон поголем професионализам и доследен третман на културата.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни