По повод Европскиот ден на јазиците, Делегацијата на Европската Унија во Република Северна Македонија, во партнерство со Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ – Скопје, ја додели наградата „Вавилон – Нова генерација“ за најдобар студентски превод.
Како што соопшти Делегацијата на ЕУ во Скопје, годинашната награда ѝ беше доделена на Јана Секулоска, за нејзиниот превод на краткиот расказ „Мајките беа сите исти“ (од Џозеф О’Конор) од англиски на македонски јазик.
Наградата, која ја врачи амбасадорот на ЕУ во земјава, Михалис Рокас, се состои од студиско патување поврзано со превод, како и објавување на победничкиот превод во Годишникот на собраните дела на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ – Скопје.
„Наградата Вавилон има цел да ги поддржи младите преведувачи во Северна Македонија и да ја нагласи важноста на квалитетот во книжевните преводи. Конкурсот е отворен за студенти кои можат да аплицираат со превод на книжевно дело од кој било од 24-те официјални јазици на Европската Унија на кој било од јазиците што се зборуваат во земјата“, информира Делегацијата на ЕУ во Скопје.