Наградата „Ладислав Баришиќ“ за 2025 година ја доби д-р Иванка Апостолова Баскар

Проектот на Апостолова Баскар претставува значаен придонес во истражувањето на историјата на уметничката критика во Македонија, особено во контекст на делувањето на Ладислав Баришиќ, во чие име се доделува ова признание.

Здружението на ликовни критичари AICA Македонија со задоволство ја објавува одлуката на Комисијата за доделување на годишната награда „Ладислав Баришиќ“, која оваа година ѝ се доделува на д-р Иванка Апостолова Баскар за истражувачкиот проект„Вознемирен критичар – Вознемирувачка критика – Немирна ликовност“.

Комисијата, во состав Елена Велјановска, Горанчо Ѓорѓиевски и Зоран Петровски, по разгледувањето на пристигнатите предлози едногласно ја донесе оваа одлука, оценувајќи дека проектот на Апостолова Баскар претставува значаен придонес во истражувањето на историјата на уметничката критика во Македонија, особено во контекст на делувањето на Ладислав Баришиќ, во чие име се доделува ова признание.

Предложениот проект отвора нови критички и теоретски перспективи за разбирање на улогата на критиката во современата уметност и нејзините односи со уметничката практика денес. Како што е наведено во образложението, Апостолова Баскар планира своето истражување да го развие во есеј-филм, кој вклучува компаративна анализа, интервјуа со историчари на уметност, критичари и уметници, како и визуелен сегмент што ќе го претстави процесот како динамичен дијалог меѓу теоријата, праксата и меморијата на критиката.

Членовите на Комисијата особено ја истакнаа актуелноста и храброста на темата, како и нејзиниот потенцијал да го разбуди полемичкиот дух во рамките на уметничката заедница и да иницира нови размислувања за функцијата на критиката во културните и општествените процеси.

Со оваа награда, AICA Македонија и оваа година ја потврдува својата заложба за поддршка и афирмација на критичкото мислење, истражувачките и теоретските практики во современата уметност, како и за зачувување на меморијата и континуитетот на ликовната критика во Македонија.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни