Награда за Никола Ристановски на Фестивалот за европски филм во Србија

Maкедонскиот актер Никола Ристановски е годинешниот добитник на наградата „Александар Лифка“ во регионална категорија на 30-тото издание на Фестивалот на европски филм Палиќ кој се отвара утре, јави дописникот на МИА од Белград.

Покрај Риставновски, наградата „Александар Лифка“ ја добиваат и српскиот актер Богдан Диклиќ за исклучителен придонес во европската кинематографија, како и режисерот Андреас Дрезен во категоријата странски дела.

На фестивалот, покрај главната селекција и натпреварувачката селекција, ќе бидат прикажани филмови и во неколку други селекции, а земја во фокусот е Северна Македонија со шест филмови: „Чисто човечки“ на Игор Иванов, „Најсреќниот човек на светот“ на Теона Стругар Митевска, „Исцелител“ на Ѓорѓе Ставрески, „Мими“ на Даријан Пејовски, „Снежана на крајот мора да умре“ од Кристијан Ристески и „Сестри“ од Дина Дума. Филмовите ќе се прикажат во временскиот перод од 16 до 21 јули, а програмата се реализира во соработка со Агенцијата за филм на Северна Македонија.

Европскиот филмски фестивал Палиќ е моментално еден од најважните настани во Србија, меѓу најважните филмски фестивали во регионот и еден од ретките во светот со 100-процентна европска содржина. Фестивалот има за цел да ги претстави најквалитетните достигнувања на современата европска кинематографија и да ја негува традицијата на авторскиот и уметничкиот филм за да придонесе за културниот живот на целиот регион. На овогодинешното издание на фестивалот се очекуваат над 150 филмски професионалци од Србија и странство.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни