Цените на енергенсите во четврток нагло пораснаа откако Иран го нападна најголемиот светски LNG комплекс, предизвикувајќи штета за која Катар тврди дека може да се санира во период до пет години.
Главниот извршен директор на компанијата QatarEnergy, Саад ал-Каби, за Reuters изјави дека државната гасна компанија може да прогласи виша сила на долгорочните договори со Белгија, Кина, Италија и Јужна Кореја. Во иранскиот напад биле уништени две постројки за преработка на LNG, што би можело да доведе до намалување на извозот на течен природен гас од Катар за околу 17 проценти во период од три до пет години, рече ал-Каби.
Цените на гасот во Европа во четврток пораснаа за дури 35 проценти, а цената на нафтата до 10 проценти. На меѓународните пазари, нафтата се искачи над 109 долари по барел, поради стравувањата на инвеститорите дека нападите врз енергетската инфраструктура во земјите околу Персискиот Залив најавуваат подолг период на нарушувања во снабдувањето и сигнали од Вашингтон за стабилизација на ситуацијата.
На лондонскиот пазар, барелот попладне се тргуваше по цена од 109,20 долари, додека на американскиот пазар цената изнесуваше 96,84 долари.
„Ниту во најлудите соништа не можев да замислам дека Катар и целиот регион ќе бидат цел на ваков напад, особено од страна на братска муслиманска земја за време на месецот Рамазан“, изјави директорот на QatarEnergy.
Енергетската индустрија со години стравува дека регионален конфликт би можел да предизвика долгорочни штети на нафтените и гасните постројки и да поттикне недостиг во глобалното снабдување со енергенси.
Остра ескалација
Аналитичарите наведуваат дека израелскиот напад на иранските гасни постројки Јужен Парс во среда и одмаздничкиот удар врз катарската постројка Рас Лафан претставуваат остра ескалација на конфликтот.
„Сега сме на добар пат кон сценарио на ‘судниот ден’ на гасната криза“, изјави Саул Кавониќ, енергетски аналитичар во компанијата MST Financial. „Дури и кога војната ќе заврши, нарушувањата во снабдувањето со LNG би можеле да траат со месеци или дури години“.
Иран во одмаздничките напади гаѓаше енергетски цели низ Блискиот Исток. Нападната била рафинерија во Саудиска Арабија, Обединетите Арапски Емирати биле принудени да затворат гасни постројки, а во две рафинерии во Кувајт избувнал пожар. Американскиот претседател Доналд Трамп се закани со одмазда доколку нападите продолжат.
Тој изјави дека во телефонски разговор израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху му рекол дека повеќе нема да напаѓа ирански енергетски постројки. Од друга страна, иранскиот министер за надворешни работи Абас Аракчи порача дека Иран нема да покаже „никаква воздржаност“ доколку неговата инфраструктура повторно биде нападната, објавувајќи ја пораката на платформата X.
Чару Чанана, главна инвестициска стратегијка во сингапурската банка Saxo, оцени дека со овој конфликт се „погодени самите темели на глобалниот енергетски систем“. Таа додаде дека она што ги загрижува пазарите е растечкиот ризик од стагфлација.
Европската централна банка (ЕЦБ) соопшти дека војната во Иран ќе има „значително влијание“ врз краткорочната инфлација, зависно од нејзиниот интензитет и времетраење. Финансиските пазари очекуваат инфлацијата во еврозоната да се зголеми на близу четири проценти во следната година, по што ќе бидат потребни години за враќање кон целта од два проценти.