Геополитичките промени во Европа повторно го враќаат во фокус нафтоводот Адрија, познат и како Јадрански нафтовод (JANAF), проект започнат уште во времето на поранешна Југославија.
Идејата за изградба на овој нафтовод се појавила во шеесеттите години од минатиот век, кога југословенското раководство планирало преку терминалот Омишал на островот Крк да создаде важна енергетска врска меѓу Јадранското Море и земјите од Централна Европа.
Планот бил нафтата што пристигнува со танкери да се транспортира кон Унгарија, Словачка и потенцијално кон Австрија, додека друг крак требало да ги снабдува рафинериите во Нови Сад и Панчево.
По долгогодишни преговори и политички несогласувања, нафтоводот бил завршен дури кон крајот на осумдесеттите години, по смртта на Јосип Броз Тито. Изградени биле краците кон Унгарија, Словачка и Србија, но делот кон Австрија никогаш не бил реализиран.
Сепак, северниот крак со децении немал значајна улога. По распадот на Југославија и војните во деведесеттите години, неговата употреба била ограничена, а Унгарија и Словачка најмногу се потпирале на рускиот нафтовод „Дружба“.
Денес ситуацијата се менува. Европската Унија се обидува да ја намали зависноста од руските енергенси, а дополнителен проблем се појави откако нафтоводот „Дружба“ беше оштетен во напад на почетокот на годината, што го наруши снабдувањето со нафта за дел од земјите во Централна Европа.
Во такви услови, нафтоводот Адрија повторно се разгледува како алтернативен правец за транспорт на нафта.
Нафтата од Блискиот Исток, Северна Африка, Казахстан, Азербејџан и САД веќе пристигнува со танкери до терминалот во Омишал, од каде преку JANAF може да се транспортира до рафинериите во Унгарија, Словачка, Хрватска и Србија.
Енергетските аналитичари сметаат дека овој нафтовод би можел да стане една од поважните енергетски рути во Европа во следната деценија, особено ако се зголемат неговите транспортни капацитети.
Во меѓувреме, меѓу компаниите MOL и JANAF постојат несогласувања околу реалниот капацитет на нафтоводот и можноста за транспорт на одредени видови нафта, што дополнително ја комплицира ситуацијата.
За да се утврди колкав е реалниот капацитет на системот, двете компании планираат серија тестирања што ќе траат околу десет месеци и ќе ја анализираат ефикасноста на транспортот, логистиката во пристаништето и стабилноста на снабдувањето.