Нафтените гиганти го предупредија Трамп: светот се движи кон нова енергетска криза

Водечките нафтени компании предупредија дека затворањето на Ормускиот теснец може да предизвика нова енергетска криза и дополнителен раст на цените на нафтата.

Лидерите на водечките американски нафтени компании ја предупредија администрацијата на Доналд Трамп дека енергетската криза, предизвикана од војната со Иран, веројатно ќе се продлабочи. Главната причина за загриженост се нарушувањата во протокот на нафта низ Ормускиот теснец, што може да предизвика долготрајна нестабилност на глобалните енергетски пазари, пишува Wall Street Journal.

На состаноци со претставници на администрацијата на Трамп, директорите на ExxonMobil, Chevron и ConocoPhillips ја истакнале сериозноста на ситуацијата. Извршниот директор на ExxonMobil, Дарен Вудс, предупредил дека цените на нафтата може дополнително да пораснат доколку шпекулантите ја искористат ситуацијата, но и дека пазарите би можеле да се соочат со криза во снабдувањето со нафтени деривати.

Според извори запознаени со разговорите, директорот на Chevron, Мајк Вирт, и директорот на ConocoPhillips, Рајан Ленс, исто така изразиле сериозна загриженост за размерите на нарушувањата предизвикани од затворањето на овој клучен поморски премин.

Мерки што ги разгледува Белата куќа

Белата куќа во моментов разгледува неколку мерки за да се обиде да ги намали цените на нафтата. Меѓу опциите се ублажување на санкциите за руската нафта, пуштање големи количини нафта од стратешките резерви, како и можност за укинување на ограничувањата за транспорт на сурова нафта меѓу американските пристаништа.

Еден претставник на Белата куќа за Wall Street Journal изјавил дека се разгледува и зголемување на протокот на нафта меѓу Венецуела и Соединетите Американски Држави.

Иако состаноците биле оценети како продуктивни, директорите на нафтените компании нагласиле дека има малку опции кои би можеле да ја ублажат кризата. Тие се согласиле дека повторното отворање на Ормускиот теснец би можело да биде единственото вистинско решение за да се избегне штетата што долготрајно високите цени би ја нанеле на глобалната економија.

Висок претставник на администрацијата потврдил дека се очекува натамошен раст на цените и дека можностите за интервенција се ограничени. Тој додал дека Пентагон предложил планови за повторно отворање на теснецот и дека администрацијата се надева тоа да се случи „во рок од неколку недели, а не месеци“.

Разговори за враќање во Венецуела

Американски претставници, меѓу кои и министерот за внатрешни работи Даг Бургум, разговарале со претставници на ExxonMobil и ConocoPhillips за можноста нивните компании повторно да се вратат во Венецуела. Со тоа би се инвестирале милијарди долари во ослабениот нафтен сектор на јужноамериканската држава.

Компаниите Exxon и ConocoPhillips се повлекоа од Венецуела во 2007 година, откако тогашниот претседател Уго Чавез ја национализираше нивната имотна сопственост. Двете компании и понатаму преку судски постапки се обидуваат да ги вратат милијардите долари за кои тврдат дека им се должат.

Позадина на кризата

Ормускиот теснец се наоѓа во центарот на енергетската криза откако иранскиот Корпус на чувари на исламската револуција објави дека го затвора за поголемиот дел од бродовите. Одлуката следеже по американско-израелските напади врз Иран што започнаа на 28 февруари.

Пред почетокот на конфликтот, низ теснецот дневно минувале околу 20 милиони барели нафта, а прекинот на транспортот предизвика нагло зголемување на цените.

Во американско-израелските напади врз Иран досега загинале околу 1300 лица, меѓу кои и тогашниот врховен лидер, ајатолахот Али Хамнеи. Иран возврати со лансирање беспилотни летала и ракети кон цели во Израел, Јордан, Ирак и во земјите од Заливот каде се распоредени американски воени сили.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни