Цените на нафтата на меѓународните пазари ја надминаа границата од 68 долари по барел, одразувајќи ја зголемената нервоза кај инвеститорите во пресрет на новата рунда американско-ирански нуклеарни преговори во Женева.
На лондонскиот пазар со барел нафта попладнево се тргуваше по цена од 68,41 долари – што е за 66 центи повеќе во однос на затворањето на тргувањето на крајот од минатата недела. На американскиот пазар барелот поскапе за 65 центи и достигна цена од 63,54 долари.
Пазарното расположение на почетокот на неделата беше променето по најавата за нова рунда нуклеарни разговори меѓу САД и Иран, кои треба да продолжат утре во Женева.
Според најавите, иранскиот министер за надворешни работи ќе разговара со американските претставници со посредство на Оман.
Техеран е подготвен да разговара исклучиво за нуклеарната програма, но сигнализираше и можност за компромис доколку САД ги укинат санкциите.
Иран настојува да постигне нуклеарен договор со САД што би донел економски придобивки за двете страни, изјави ирански дипломат неколку дена пред втората рунда разговори меѓу Техеран и Вашингтон.
Иран и САД ги обновија преговорите претходно овој месец со цел да го решат повеќедеценискиот спор околу иранската нуклеарна програма и да спречат нов воен конфликт.
Во меѓувреме, иранската морнарица одржа воена вежба во Ормускиот теснец – стратешки важна поморска рута низ која дневно поминуваат околу 20 милиони барели нафта – со цел проверка на подготвеноста за „можни безбедносни и воени закани“, јави агенцијата Тасним.
САД веќе испратија уште еден носач на авиони на Блискиот Исток – USS Ford, кој се очекува да пристигне во регионот најрано кон крајот на неделата.