Нафта наспроти ретки земни елементи: кој ресурс ќе ја обликува иднината на глобалната економија?

Од „црното злато“ до стратешките метали – како електрификацијата и вештачката интелигенција ја менуваат глобалната рамнотежа на моќ

Во поголемиот дел од 20 век, нафтата беше темелот врз кој се изгради современата глобална економија. Таа ги придвижуваше индустријата, транспортот и меѓународната трговија, а контролата врз нејзините текови честопати значеше и геополитичка моќ. Земјите богати со нафта стекнуваа влијание, додека останатите се соочуваа со зависност, нестабилност и ранливост.

И денес, влијанието на нафтата не е исчезнато. Нејзината цена и понатаму има моќ да поттикне инфлација, да ги комплицира монетарните политики и да врши притисок врз јавните финансии. Енергетската безбедност останува клучна тема за владите, особено во услови на зголемени геополитички тензии.

Но, паралелно со тоа, темелите на глобалната моќ постепено се поместуваат.

Со електрификацијата на економиите, забрзаната дигитализација и експанзијата на вештачката интелигенција, во центарот на вниманието доаѓаат ретките земни елементи – група стратешки метали без кои не може да функционира современата технологија.

Уште во 1980-тите, кинескиот лидер Денг Сјаопинг визионерски забележа: „Блискиот Исток има нафта, Кина има ретки земни метали“. Денес, оваа реченица добива ново, глобално значење.

Од енергија до технологија

За разлика од нафтата, ретките земни елементи не се согоруваат за да создадат енергија. Тие се вградени во срцето на технолошката инфраструктура: електрични возила, ветерни турбини, роботика, напредни воени системи, дата-центри и ВИ-инфраструктура.

Постојаните магнети базирани на ретки земни елементи, како неодимиумот, се клучна компонента во моторите на електричните возила и во системите за автоматизација. Токму затоа, побарувачката за овие материјали расте со темпо што далеку го надминува растот на побарувачката за нафта.

Според анализи на Bank of America, глобалната побарувачка за неодимиумски магнети би можела да расте со просечна годишна стапка од околу 9% до 2035 година. Растот го предводат електричните возила, роботиката и автоматизираните индустрии, додека во Европа и САД се очекуваат повеќекратни зголемувања на побарувачката во наредната деценија.

Стратешка зависност и нови тесни грла

Проблемот, меѓутоа, не е само во побарувачката, туку и во понудата. Европа речиси и да нема сопствени капацитети за ископ и преработка на ретки земни елементи, додека Кина доминира со глобалниот синџир на снабдување – од ископ, преку рафинирање, до производство на магнети.

Проценките покажуваат дека Кина контролира околу 90% од производството на одредени оксиди на ретки земни елементи и речиси целосно го држи пазарот на тешки ретки метали. Вистинското тесно грло не е геологијата, туку преработката: технички сложен, еколошки чувствителен и капитално интензивен процес.

Оваа ранливост стана особено видлива по кинеските извозни контроли воведени во 2025 година, со кои извозот на дел од ретките земни елементи беше ставен под лиценци и строга контрола.

Вештачката интелигенција ја враќа материјалната реалност

Како што предупредуваат аналитичарите од 22V Research, транзицијата кон т.н. „физичка вештачка интелигенција“ ја враќа суровинската зависност во срцето на глобалната политика. ВИ не е само софтвер, туку и хардвер: роботи, батерии, мотори и сензори – сите зависни од ретки и критични материјали.

И токму тука се судираат временските рокови на технолошкиот развој со реалноста на индустриските капацитети. Дури и ако Западот започне агресивна изградба на сопствени синџири за снабдување, јазот нема да се затвори доволно брзо.

Кој ќе ја изгради иднината?

Нафтата и понатаму ќе ја обликува сегашноста: нејзината цена ќе влијае врз инфлацијата, трговијата и геополитичките односи. Но, во новата индустриска ера, ретките земни елементи сè повеќе одредуваат што може да се произведе, со каква брзина и под чија контрола.

Доминацијата повеќе не значи само контрола врз горивото, туку контрола врз тесните грла во глобалниот синџир на снабдување. Во таа смисла, иднината на глобалната економија можеби нема да мириса на нафта – туку на метал.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни