Надвор може да ни е убаво

Ќе поживее човек малку во странство и потоа многу му е лесно да споредува кога ќе си дојде дома, не сум исклучок од ова. Едно од омилените сеќавања од животот во Шпанија ми е фасцинацијата со јавните простори и нивното користење каде и да се свртев додека живеев таму. Особено важни во контексти како денешниот, кога многу подраматично и позабележливо се изолираме, кога ни треба многу повеќе за воспоставување комуникација. Без разлика на тоа во кој дел од земјата се наоѓав, фактот дека влијаат драматично на поквалитетниот начин на живот на Шпанците е нешто кое не може да се негира. Животот во Мадрид, Барселона, ама и помалите места за нив е начин на искусување на секој сончев зрак надвор, на поврзување со околината. Човек не може да не ужива да го гледа тоа: многу расположени луѓе на едно место, кои го користат секој адаптиран простор околу нив за поминување време надвор. Како самите свесно да се враќаа кон себе и својата човечност, преку редовно поврзување со останатите, на средби кои се случуваат надвор.

Во Шпанија, дури и во зима штом се појави сонце, најголем дел од активностите за дружба, зближување и прослава се случуваат на отворено. Специфичните простори за собирање помеѓу маалата, малите улички, големите паркови – не е важно каде. Важно е да се украде дел од денот за социјализација, поврзување и за споделување, да се биде излезен. Не само што нивните активности надвор го разубавуваат просторот, туку и ја зголемуваат динамиката на градовите, давајќи им можност да бидат јадра на зближување, создавање и трансформација. Тоа прави да се почувстува голема топлина и добредојде на тие места, дури и ако првпат сте таму.

Секогаш кога се враќам потоа дома, ги гледам јавните површини во нашево Скопје со тој потенцијал и истовремено надежно и скептично замислувам дека и кај нас се случува истото. И токму на тие површини каде фантазијата ми работи во моментот, гледам нова динамика и мотивацијата за новитети во градот. Алтернативната култура е клучна за поврзување со јавниот простор и неговото менување, тоа е факт. Има многу важна улога. Скопје има голем потенцијал во оваа смисла, а тие простори можат да бидат катализатори за креативност која ќе го поттурне и поддржи културниот живот. Периодов видовме и примери кога се заземаат за различни културни збиднувања, и градот изгледаше многу поразлично. Изгледаше живо. Ни фали Скопје да биде живо.

Овие јавни добра требаше до сега да почнеме да ги гледаме во една поширока смисла како платформи каде граѓаните може да разменуваат идеи, искуства, живот, како во многу европски градови. Тие се директен начин за вклучување и градење на заедница која може да придонесува и ова не е нешто ново. Тие покажуваат колку граѓаните се чувстуваат слободно и како тие ги заземаат своите површини. Преку нив директно се гради активност и инклузивност. Уличните фестивали, уметничките излагања или дури и спонтаните настапи на отворено или каков било друг тип на иницијативи, можат да создадат тек кој го обогатува животот во градот и ја поттикнува свеста за неговата неискористеност. Може да нè натераат да излеземе од дома за да сме повклучени во животот надвор од нашите четири ѕида.

Не можам да избегам од прашањето: како би изгледал градов со реобмислени јавни површини заради чувството дека ни се потребни големи промени тука. Како би се менувала и живнувала самата јавна култура, ако токму таа комуникација почне многу повеќе да се одвива на отворено? Секогаш кога ќе видам некој настан на некоја јавна локација, го добивам одговорот пред себе зашто знам дека не само што помагаат да се случува нешто, туку овие простори го градат патот и за идните граѓански општества. Ми текнува и дека не е доволно само да се пишува, туку и да се сака овие ресурси на учење да се искористат и да се применат потоа во иднина во нова пракса.

Трансформациите во суштина треба да доаѓаат од повеќе нивоа. Од самите граѓани и локалната заедница зависи колку ќе се вклучиме во промените што сакаме да ги предизвикаме, ама и колку ќе разбереме дека јавните површини постојат за нас и чекаат подобри времиња. Поттикнати од нив, самите треба активно да бараме да сме вклучени во подобрување на нашите животи во нашата околина и да го гледаме тоа како простор за раст и менување на нашата улога од пасивни во активни граѓани.

Авторката е културна работничка

* Колумните се лични ставови на авторите.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни