Случајот со настрешницата во Нови Сад: три истраги и сè уште без правна завршница

И покрај стопирањето на дел од постапките, правната сага опфаќа корупција, безбедносни пропусти и милионски финансиски злоупотреби

И покрај одлуката на Вишиот суд во Нови Сад да ја стопира постапката против шест лица, меѓу кои и поранешни високи функционери, правната сага поврзана со падот на настрешницата на Железничката станица во Нови Сад е далеку од завршена. Случајот и понатаму се води како еден од најкомплексните правосудни процеси во Србија, со три паралелни истраги, повеќе потврдени обвиненија и десетици осомничени.

Вишиот суд во Нови Сад одлучи да ја запре постапката против Горан Весиќ, Јелена Танасковиќ, Анита Димоски и уште три лица, во делот што се однесува на користење на објектот додека градежните работи сè уште биле во тек. Истовремено, судот ја потврди обвинителната постапка против седум други осомничени.

Од Вишото јавно обвинителство во Нови Сад најавија жалба на оваа одлука, што значи дека правниот процес продолжува и дека конечната разрешница допрва следува.

На Танасковиќ и уште три лица им е укината мерката забрана за напуштање на домот, додека Весиќ и Димоски и понатаму се наоѓаат во куќен притвор, но по одлука на Вишиот суд во Белград, во рамки на друг, одвоен предмет.

Прва истрага: користење објект без употребна дозвола

Првата истрага, водена од Вишото јавно обвинителство во Нови Сад, опфати 13 лица осомничени дека овозможиле користење на објектот на железничката станица без завршени градежни работи и без издадена употребна дозвола. Дел од нив беа гонети за тешко дело против општата безбедност, а други за неправилно и нестручно изведување градежни работи.

Со најновата судска одлука, постапката е стопирана за шест лица, додека обвинението е потврдено за седуммина, меѓу кои Небојша Шурлан и Слободан Наумовиќ, членови на надзорниот и изведувачкиот тим.

Втора истрага: корупција и технички пропусти

Втората истрага се води пред Вишиот суд во Белград и се однесува на сомнежи за коруптивни дејствија поврзани со техничкиот преглед на настрешницата. Обвинителството ги товари Слободанка Катаниќ, Милутин С. и Билјана К., кои, според обвинението, биле должни да ги забележат оштетувањата, но не презеле соодветни мерки.

Обвинението во овој предмет е потврдено, а случајот е префрлен во надлежност на Јавното обвинителство за организиран криминал, каде што се очекува почеток на судската постапка.

Трета истрага: финансискиот траг и милионските злоупотреби

Третата истрага е насочена кон финансиските аспекти на проектот за модернизација на железничката пруга Нови Сад – Суботица – Келебија. По налог на Јавното обвинителство за организиран криминал, во август беа уапсени поранешниот министер Томислав Момировиќ, поранешниот директор на Заводот за заштита на споменици Синиша Јокиќ, како и Весиќ, Димоски, Шурлан и Катаниќ.

Тие се сомничат за злоупотреба на службената положба и за овозможување на кинескиот изведувач CRIC – CCCC да фактурира работи во вредност од над 1,2 милијарди долари, со што, според обвинителството, на буџетот на Србија му е нанесена штета поголема од 115 милиони долари.

Оваа истрага сè уште е во тек, се сослушуваат сведоци и се прибира дополнителна финансиска и техничка документација.

Случај со долгорочни последици

Иако дел од осомничените добија привремено олеснување со стопирањето на постапката, трагедијата на Железничката станица во Нови Сад останува тежок јавен и институционален товар. Трите паралелни истраги, потврдените обвиненија и обемот на финансиските и безбедносните пропусти укажуваат дека станува збор за системски проблем, а не за изолиран инцидент.

Прашањето кој ќе сноси конечна одговорност за падот на настрешницата и за милионската штета по српскиот буџет сè уште се решава во судниците – процес што, според сè изгледа, ќе трае уште долго

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни