Надал става крај на кариерата накитена со 22 грен слем титули

Тениската легенда Рафаел Надал го најави своето пензионирање од спортот по блескавата кариера во која собра 22 грен слем титули.

Нашироко се смета за еден од најдобрите тенисери на сите времиња, а негов последен турнир ќе биде со Шпанија во финалето на Дејвис купот во ноември.

38-годишниот тенисер последен пат играше на Олимписките игри во Париз, но континуираните борби со повреди, кои го попречуваа во текот на неговата кариера, сериозно му го ограничија времето на теренот во последните две сезони.

„Здраво на сите, тука сум да ве известам дека се повлекувам од професионалниот тенис“, рече Надал во видеото објавено на социјалните мрежи. „Реалноста е дека беа неколку тешки години, особено овие последни две. Мислам дека не можев да играм без ограничувања. Очигледно е тешка одлука, за која ми требаше малку време да ја донесам. Но, во овој живот, сè има почеток и крај“ рече Надал.

Тој додаде дека ова е соодветно време да стави крај на неговата кариера која беше долга и како што вели, поуспешна од што некогаш можел да замисли.

Со неговите 22 гренд слем титули тој е втор со најмногу освоени титули во историјата на машкиот тенис зад Новак Ѓоковиќ, неговиот голем долгогодишен ривал.

Надал, исто така, освои злато во сингл и двојки за Шпанија на Олимписките игри и ја предводеше својата земја до пет титули во Дејвис купот.

Наречен „Кралот на глината“ поради неговата извонредна доминација на површината, Надал освои 14 од неговите гренслем турнири на Отвореното првенство на Франција и загуби само четири од неговите 116 натпревари во Париз.

Тој исто така го освои УС Опен четири пати и Австралија Опен и Вимблдон двапати, додека неговата победа над Роџер Федерер во финалето на Вимблдон во 2008 година нашироко се смета за најдобар тениски натпревар на сите времиња.

„Многу сум возбуден што мојот последен турнир ќе биде финалето на Дејвис купот и ќе ја претставувам мојата земја“, додаде Надал. „Мислам дека дојдов во полн круг откако една од моите први големи радости како професионален тенисер беше финалето на Дејвис купот во Севиља во 2004 година. Се чувствувам супер, супер среќен за сите работи што можев да ги доживеам.“

„Сакам да се заблагодарам на целата тениска индустрија. Сите луѓе кои се занимаваат со овој спорт, моите долгогодишни колеги, особено моите големи ривали. Поминав многу, многу часови со нив и живеев многу моменти кои ќе ги паметам до крајот на мојот живот.“

Надал во текот на целата сезона сугерираше дека може да продолжи да игра и следната година доколку неговото тело му дозволи да биде конкурентен.

Откако го пропушти поголемиот дел од 2023 година поради повреда на колкот, Надал се врати на натпреварувачкиот тенис на Бризбејн Опен во јануари, но беше принуден да го пропушти Австралија Опен поради повреда на бутот.

Оттогаш тој играше само на шест турнири, од кои неодамна беше Олимпијадата во Париз каде загуби од Ѓоковиќ во второто коло во машка поединечна конкуренција.

„Заминувам со апсолутен мир на умот дека дадов се од себе, да се потрудам на секој начин“, рече тој.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Најново

Последни колумни