Над девет жртви во големите поплави во Виетнам

Се очекува во градовите Хуе и Да Нанг денес да наврнат повеќе од 400 мм дожд, со што вкупните врнежи во изминатите два дена достигнаа 1.600 мм

Најмалку девет лица загинаа, а пет се водат како исчезнати во силните поплави во централен Виетнам, соопштија денес виетнамските власти. Најмалку 11 лица се повредени, соопшти виетнамската агенција за цивилна заштита.

Според националниот метеоролошки центар, обилни дождови продолжија да врнат во централните делови на земјата денес, особено во туристичките дестинации како што се Хуе, Да Нанг и Хој Ан. Се очекува градовите Хуе и Да Нанг денес да добијат повеќе од 400 мм дожд, со што вкупните врнежи од дожд во регионот во изминатите два дена достигнаа 1.600 мм.

„Дождот би требало да престане утре, но нивото на водата е сè уште многу високо и се очекува да се повлече за два дена“, изјави за ДПА локалниот жител Хоанг Нго Ту До.

Во Хуе, некогаш царски град, улиците се поплавени, а жителите се движат со чамци. Нема електрична енергија, а училиштата се затворени. Армијата мобилизираше повеќе од 6.000 војници за евакуација на 3.238 жители од Хуе.

Крајбрежниот град Хој Ан, познат по своите шарени фенери и место на светското наследство на УНЕСКО, е делумно под вода до колена.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни