Над 60 семејства евакуирани во спортската сала во Кичево: Зајаска Река ги поплави домовите

Над 60 домаќинства се без дом по излевањето на Зајаска Река во Кичево. Околу 250 лица се сместени во спортска сала, додека штетите се санираат и во други градови

Додека се санираат последиците од излевањето на Зајаска Река во Кичево, кое настана по обилните врнежи од дожд, повеќе од 60 семејства повторно останаа без покрив над глава, вторпат во текот на месецов, поради новиот бран поплави.

Во спортската сала во градот се сместени околу 250 лица, односно 63 домаќинства чии домови беа поплавени во вчерашното невреме. Засега условите во салата не се соодветни за одржување на лична хигиена, а евакуираните немаат можност за капење.

Градоначалникот Александар Јовановски најави дека до крајот на денот ќе биде обезбедено решение за подобрување на условите, особено во делот на хигиената за лицата кои привремено престојуваат во спортската сала.

Сѐ уште не е познато колку долго граѓаните ќе останат сместени таму. При претходните поплави тие престојувале една седмица, но овојпат, според проценките на властите, можно е сместувањето да трае и до две недели поради поголемите штети.

Најкритична е состојбата на улицата „Прилепска“, каде што трагите од водата на ѕидовите во некои домови достигнуваат и до два метра височина. Жителите самостојно ја испумпуваат водата од своите куќи, додека надлежните служби работат на терен со целокупната расположлива механизација.

Иако Зајаска Река се повлече во своето корито, водостојот и понатаму е зголемен, што создава страв од ново излевање.

Потребни се ќебиња, вода и храна за сите сместени во спортската сала. Надлежните апелираат донациите да се доставуваат исклучиво преку Црвен крст на Република Северна Македонија, со цел организирана и транспарентна распределба.

Штети од невремето се санираат и во Гостивар, Тетово и во скопско Сарај. Според најавите на метеоролозите, врнежите од дожд се очекува да продолжат во текот на целата седмица, што дополнително ја усложнува состојбата на терен.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни