Ова го покажува ново истражување презентирано на работилницата „Младински ставови кон корупцијата“, каде беше претставена и мобилната апликација „Глас против корупција“, алатка што им овозможува на младите анонимно да пријавуваат случаи на корупција, јавува Телевизија 24.
Истражувањето опфатило млади на возраст од 16 до 26 години од три плански региони – Скопскиот, Полошкиот и Југоисточниот – преку анкети спроведени во средни училишта и факултети во Скопје, Струмица и Гостивар.
Резултатите покажуваат дека младите ја препознаваат корупцијата како сериозен и системски проблем. Дури 69,6% од испитаниците изјавиле дека корупцијата ги демотивира и ја урива вербата во трудот и знаењето, а само 8% имаат доверба во институциите што треба да се борат против неа.
Дополнително, речиси 70% од младите сметаат дека темата за корупцијата е недоволно или воопшто не е застапена во образовниот процес, што, според нив, придонесува за слаба свесност и недостиг на алатки за справување со овој проблем.
Истражувањето укажува дека младите сè повеќе бараат функционални, дигитални и сигурни механизми за учество во борбата против корупцијата и дека постојаното игнорирање на нивните ставови и искуства само го продлабочува јазот меѓу институциите и новите генерации.