Над 400 медицински интервенции на концертот на Томпсон во Сињ

Повеќе од 400 медицински интервенции, шест приведени лица и одземена пиротехника од над 170 посетители – ова е билансот од концертот на контроверзниот хрватски пејач Марко Перковиќ Томпсон, кој во понеделникот вечер се одржа во Сињ. Концертот, кој привлече десетици илјади луѓе, беше следен со засилени безбедносни мерки и координирана акција на полицијата и итните служби.


Од Раководството на полицијата во Сплитско-далматинската жупанија информираат дека безбедносните мерки биле спроведувани уште од раните утрински часови. На теренот биле присутни повеќе полициски и медицински екипи, со цел да се одржи јавниот ред и мир во услови на масовен собир што вклучувал околу 48.000 возила и десетици илјади посетители.

„Само на Хиподромот во Сињ, каде се одржа концертот, беа забележани 196 интервенции на службите за итна помош. Вкупниот број медицински интервенции достигна 408, а 11 лица беа транспортирани во Клиничкиот болнички центар. Двајца од нив беа префрлени со хеликоптер поради сериозноста на состојбата,“ стои во соопштението на службите.

Полицијата уапсила шест лица, од кои пет се приведени во попладневните часови поради пеење песни и извикување пораки со неумесна содржина. Едно лице е дополнително уапсено за слично однесување. Сите одбиле да постапат според наредбите на полицијата, поради што е покрената криминалистичка истрага против нив.

Дополнително, на 173 лица им биле одземени вкупно 381 парче пиротехнички средства, а две лица ќе одговараат за прекршување на забраната за летање над местото на настанот.

Концертот на Томпсон, иако секогаш привлечен за голема публика, повторно го отвори прашањето за содржината и симболиката што се промовира на овие собири. Најголем дел од јавноста е поделена – за едни Томпсон е симбол на хрватскиот патриотизам, додека за други неговите настапи се оценија како националистички и поврзани со профашистичка идеологија.

Во деновите пред концертот, неколку организации, вклучувајќи ја и Иницијативата на младите за човекови права од Загреб, јавно го осудија настанот, нарекувајќи го „најголем (про)фашистички собир во Европа“. Полицијата во Сињ, сепак, нагласи дека целокупниот настан минал без поголеми инциденти благодарение на навремената реакција на службите и, како што велат, „одговорното однесување на посетителите“.

„Им благодариме на сите вработени во итните служби кои во изминатите 24 часа беа на терен, водејќи грижа за безбедноста на граѓаните. Им благодариме и на граѓаните на Сињ и на посетителите за соработката и одговорното учество,“ наведоа од полицијата по завршување на настанот.

Иако безбедносно и логистички успешно организиран, концертот на Томпсон повторно останува контроверзен во јавниот дискурс, носејќи прашања не само за музиката, туку и за идеологијата што се пренесува од сцената.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни