Тужбата, поднесена по двегодишна истрага од аргентинското федерално обвинителство, се однесува на периодот од 1972 до 2015 година и вклучува сведоштва на жени кои како деца биле регрутирани со лажни ветувања за образование и подобра иднина.
Живот под маска на „образование”
Андреа Мартинез, денес 50-годишна, била само 12 кога првпат ја прифатиле во структура на Opus Dei. „Ми рекоа дека ќе учам, дека ќе добијам можност да напредувам. Сакав да ѝ помогнам на мојата фамилија“, сведочи таа. Наместо во училница, завршила во кујна – готвејќи, чистејќи и перејќи за членовите на организацијата по 12 часа дневно.
Првото нешто што го добила, вели, било розева фустанче. Второто – ригорозен распоред во кој секоја минута ѝ била контролирана. До 16-тата година ѝ бил даден и cilicio – метална алка со шилци што се носи на бедро како религиозна покора. Исто така, добила и бич со кој требало да се самонаказнува додека се моли.
“Нѐ држеа отсечени од светот”
Жените раскажуваат дека биле поттикнати да прекинат контакт со родителите и надворешниот свет. Смеле да испратат само едно писмо месечно, и тоа под цензура. Не смееле да читаат ништо освен детски приказни и религиозни текстови. „Не ми дозволија да одам ни на погребот на баба ми. Сè беше жртва за Бог, велеа“, вели Мартинез.
Друга жена, Кареро, додава дека често ја преместувале од една земја во друга – од Парагвај во Уругвај – без нејзина согласност, што било намерно направено за да се спречи создавање блиски пријателства.
Без образование, без пари, без иднина
Кога конечно успеала да избега, Мартинез имала само 10 пезоси во џеб. Не знаела како да користи пари, немала обична облека, ниту признати документи за било каква стручна квалификација. „Имав 23 години, а се чувствував како дете од 12“, вели таа.
Обвинителството во Аргентина тврди дека жртвите – повеќето девојчиња и адолесцентки – биле намамени со измами и злоупотребени под превез на духовна посветеност. Жените бараат финансиска отштета, признание на направеното и официјално извинување од страна на организацијата.
Одбраната на Opus Dei: „Сѐ е извадено од контекст“
Во изјава на официјалната веб-страница, Opus Dei ги негира обвинувањата. Организацијата тврди дека девојчињата доброволно се приклучиле, дека добивале компензација за својот труд, и дека имале можност да си заминат кога сакале.
Сепак, преживеаните инсистираат дека биле психолошки манипулирани, контролирани и казнувани. Денес, многу од нив се обидуваат да го вратат својот живот на вистинскиот пат. Мартинез студира психологија. Делгадо, друга жртва, ја заврши средната школа – 40 години подоцна. А Кареро, која сега има тинејџерка, вели: „Откако се сретнав со другите жени, чувствувам мир. Конечно сум слободна.“