Според локалните власти, најголемиот број жртви се од провинцијата Хајбер-Пактунхва на северозападот на земјата, каде што поплавите уништија најмалку 74 домови. При спасувачките операции, хеликоптер се урна, при што загинаа пет членови на екипажот, пренесува Би-Би-Си.
Во пакистанскиот дел на Кашмир загинаа девет лица, додека во северниот регион Гилгит-Балтистан пет луѓе го загубија животот. Владините метеоролози најавуваат продолжување на обилните дождови до 21 август во северозападниот дел на земјата, каде повеќе области се прогласени за катастрофални зони.
Еден од преживеаните од Бунер за AFP изјави дека поплавата стигнала како „ден на Судниот ден“. „Слушнав силен шум како планината да се лизга. Брзо излегов надвор и целата околина трепереше, како да е крајот на светот“, рече Азизула.
Претседателот на провинцијата Хајбер-Пактунхва, Али Амин Гадапур, информира дека хеликоптерот M-17 се урнал поради лоши временски услови додека летал кон Баџаур, на границата со Авганистан. Во таа област, граѓаните собираат тела и се збогуваат со загинатите. Провинцијата прогласи ден на жалост.
Инаку, во индискиот дел на Кашмир, спасувачки екипи извлекоа тела од кал и урнатини по поплава која го зафати едно село во Хималаите, при што загинаа најмалку 60 лица.
Монсунските дождови од јуни до септември носат околу три четвртини од годишната количина на врнежи во Јужна Азија, а поплави и лизгања на земјиштето се чести. Научниците предупредуваат дека климатските промени ги прават ваквите екстремни временски настани почести и посилни.