Над 300 пожарникари од шест европски земји и ова лето ќе бидат лоцирани во Грција

Пожарникари од европски земји, во рамките на програма што се спроведува преку Европскиот механизам за цивилна заштита, и оваа година ќе бидат лоцирани во Грција во текот на летниот период за доколку е потребно да им помогнат на нивните грчки колеги во справувањето со пожарите, јави дописничката на МИА од Атина.

Како што соопштија од Министерството за климатски кризи и цивилна заштита на Грција од 1 јули до 15 септември 2025 година, вкупно 323 пожарникари од Австрија, Бугарија, Франција, Молдавија, Романија и Чешка ќе бидат распоредени во областа Атика, поширокиот регион на Атина, во Солун и Патра.

Станува збор за најголемиот број европски пожарникари досега, а целта, исто како и во изминатите години е да им помогнат на грчките пожарникари во гаснењето пожари, да се обучуваат заедно во реални услови на терен и да пренесат искуства и знаења во нивните земји.

Од надлежното Министерство додадоа дека конкретната програма ќе се спроведе и во други земји, односно во Шпанија, Португалија и Франција каде што ќе учествуаат 641 европски пожарникар од 14 земји.

Лани во Грција во рамките на програмата пристигнаа над 180 пожарникари од Бугарија, Франција, Германија, Романија и Словачка. 

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни