Над 200 евакуирани по поплавите, ДЗС интервенира во повеќе региони

Интензивни врнежи и излевање на водотеци во повеќе региони, поплавени куќи, земјоделски површини и затворени патни правци

По обилните врнежи што зафатија повеќе делови од државата, над 200 лица се евакуирани, најмногу во Кичево, информира Центарот за управување со кризи (ЦУК). Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) со теренски тимови интервенира во повеќе општини за испумпување вода и расчистување на поплавените подрачја.

Во скопскиот регион, седум тима на ДЗС интервенирале во општина Сарај, во селата Буковиќ и Семениште, каде се поплавени над 30 куќи и дворови. Во акцијата учествувале и екипи на Општина Сарај, Бригадата за противпожарна заштита на Град Скопје и ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје.

Во Липково, реката Слупчанка се излеала во селото Опае, а поплавени земјоделски површини се регистрирани и во атарот на селото Оризаре. Засега нема пријави за поголеми материјални штети. Во Кратово и Крива Паланка не се евидентирани поплави.

Во тетовскиот регион се регистрирани свлечишта на патниот правец Тетово – Џепчиште, кој е затворен за сообраќај. Патот кон селото Једуарце е повторно прооден, додека на делницата Тетово – Попова Шапка сообраќајот се одвива отежнато, со забрана за тешки товарни возила и автобуси.

Во гостиварскиот регион има поплавени куќи и стопански објекти во Гостивар, Врапчиште и Маврово и Ростуше. Во селото Беловиште биле спасени лица заглавени во поплавен објект. Во Форино е регистрирано излевање на Вардар, при што се зафатени земјоделски површини и постои ризик за објектите во близина на мостот кон селото Тумчевиште.

Најкритична е состојбата во Кичево, каде по излевањето на Зајашка Река се поплавени повеќе куќи и дворови, а над 200 лица се евакуирани. Подоцна биле пријавени уште околу 30 зафатени семејни домови. Евакуирани се стари и изнемоштени лица, како и деца. Територијалната противпожарна единица Кичево реализирала над 250 евакуации и вршела испумпување вода од витални објекти и институции.

Евакуираните лица се сместени во спортската сала во Кичево. Од подрачните одделенија на ДЗС во Охрид и Кичево се обезбедени полски кревети и пумпи за испумпување вода.

ДЗС и денеска продолжува со интервенции согласно потребите на терен, а состојбата се следи во координација со ЦУК и останатите институции од Системот за управување со кризи.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни