Научниците се погласно предупредуваат на несогледливите последици кои ги имаат климатските промени и глобалното затоплување врз екосистемите на Земјата. Ширум светот прашумите стануваат савани или обработливо земјиште, саваните се сушат и се претвораат во пустини, тундрите и глечерите се топат. Над 20% од екосистемите во светот се во опасност од промени или колапс.
Како што тврдат во својата нова студија група научници, тие колапси може да се случат многу порано отколку што мислат луѓето. Различните екосистеми веќе се под повеќе притисоци, односно стресови, а кога тие стресови ќе се комбинираат со се поекстремни временски услови поради климата, точка од која нема да има враќање наместо во далечната иднина, може да ја очекуваме веднаш зад аголот.
Тоа значи дека колапсот на екосистемите за кои претходно очекувавме дека може да ги избегнеме до крајот на ова столетие може да се случи во наредните неколку децении, предупредуваат научниците во најновиот извештај објавен во списанието Nature Sustainability.
Научниците предупредуваат дека растот на човечката популација, поголемата економска побарувачка и концентрацијата на стакленички гасови вршат притисок врз екосистемите и животната средина. Бројот на екстремни климатски појави расте и само ќе ја влошува ситуацијата.
Не загрижува тоа што климатските екстреми може да ги погодат веќе оптоварените екосистеми, кои потоа пренесуваат нови или поголеми стресови врз некои други екосистеми итн. Тоа значи дека еден екосистем во колапс може да има негативни ефекти врз соседните еко системи и таквиот след на настани го нарекуваат еколошка јамка на пропаста, со катастрофални последици.
Научниците користеле софтвер за моделирање над 70.000 различни симулации. Во сите четири модели комбинациите од стрес и екстремни настани го поместиле датумот до предвидената точка од која нема враќање за од 30% до 80%, предупредуваат научниците.
Извор: zimo.dnevnik.hr