Повеќе од 2.400 рудници низ Југоисточна Азија – голем дел нелегални и нерегулирани – испуштаат опасни хемикалии како цијанид и жива во реките, покажува ново сеопфатно истражување на американскиот аналитички центар Stimson Center.
Во извештајот, кој претставува прва детална мапа на потенцијално загадувачки рудници на копното на регионот, преку сателитски снимки биле идентификувани 366 речни рударски погони, 359 фабрики за излужување руда и 77 рудници за ретки земни метали – сите со отпадни води што завршуваат во сливот на реката Меконг.
Најголем дел од рударските операции се поврзани со ископ на злато, но се вадат и никел, бакар, коситар, сребро и манган. Истражувачите предупредуваат дека обемот на загадувањето е „шокантен“, особено во притоките што се влеваат во големите реки Меконг, Салуин и Иравади.
Реката Меконг, од која зависат над 70 милиони луѓе и огромен глобален земјоделски и рибен извоз, долго време се сметаше за релативно чист екосистем. Но, нејзиниот слив во голем дел не е покриен со строги национални регулативи, што овозможува масовна нерегулирана експлоатација.
Во водите се пронајдени опасни материи – амониум сулфат, натриум цијанид, жива, како и арсен и тешки метали диспрозиум и тербиум, кои се користат во рударството на ретки земни елементи.
Загадувањето веќе го погодува секојдневието во Тајланд и Мјанмар. Тајландските власти во април ги предупредија жителите да не ја користат водата од реката Кок, чии извори се во Мјанмар, поради знаци на високо присуство на токсини. Земјоделците сега мора да се потпираат на подземни води.
Мјанмар е меѓу најголемите светски производители на ретки земни метали – клучни во индустрии како полупроводници, мобилни телефони, батерии, ветерни турбини и воена технологија. Рудата најчесто се транспортира во Кина, која контролира 90% од глобалната преработка.
Од Stimson Center тврдат дека кинески државјани управуваат со многу од новите рудници во Мјанмар и Лаос, користејќи кинески методи на теренско излужување. Кинеското МНР вели дека нема информации за овој случај и дека фирмите се обврзани да ги следат локалните закони.
Како одговор, Тајланд формира три нови работни групи за регионална координација, следење на здравствените ризици и обезбедување безбеден извор на вода за заедниците покрај реките Кок, Саи, Меконг и Салуин.
