Над 1000 деца од Тетово уживаа во симфониската бајка „Петар и волкот“

Националната установа „Музички Ансамбл”-Тетово вчера со преполна сала за двете изведби на симфониската бајка „Петар и волкот“, на македонски и албански јазик, го реализираше вториот проект од Годишната програма поддржана од Министерството за култура и туризам.  

Над илјада деца во Центарот за култура уживаа во маестралното дело на  Сергеј Прокофјев, оркестрирано и диригирано од палката на Ангел Спировски и Агона Чупи, со нарација на Рахим Рамадани, во изведба на камерен оркестар, што предизвика позитивни реакции и овации од најмладата публика.

Задоволството од успешната изведба на двете претстави и реализацијата на проектот го истакна ВД директорот на НУ „Музички Ансамбл”-Тетово Ардиан Исмаили посочувајќи дека на децата од Тетово потребни им се повеќе вакви настани кои им овозможуваат средба со нов свет кој допрва треба да го откријат. 

„Децата беа воодушевени и среќни. Преку вакви едукативни претстави не само што ја негуваме најмладата публика, туку влијаеме на нивниот развој и на нивниот вкус за уметноста. Тоа е мотив плус да ги повторуваме ваквите настани и затоа работиме да ги има што повеќе во нашиот град”, посочи Исмаили.  

Атмосферата и енергијата за време на изведбата на симфониската бајка ја пренесе и диригентката Агона Чупи која на својот Фејсбук профил по завршувањето на настанот напиша: „1000 деца и неверојатна енергија. Едно од најубавите чувства”. 

Следен настан на репертоарот на НУ „Музички Ансамбл” – Тетово е Концерт на млади таленти, а до крај на година преостануваат уште проектите: „Концерт за ноемвриски празници”  и ,,Концерт на популарна музика”.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни