Над 100 загинати во Газа за 24 часа, комуникациите во целосен прекин

Над 100 лица се убиени во израелски напади врз Газа во изминатите 24 часа, додека напад врз пункт за хуманитарна помош и прекин на телекомуникациите ја продлабочија кризата во веќе уништената палестинска територија, јавува ДПА.

Министерството за здравство во Газа, кое е под контрола на Хамас, соопшти дека се убиени 103 лица, а повредени се 427. Бројките не прецизираат колку од нив се цивили, а колку борци.

Од почетокот на војната на 7 октомври 2023 година, која започна со напад на Хамас врз јужен Израел во кој загинаа околу 1.200 лица и беа киднапирани над 250, во Газа, според истото министерство, се убиени повеќе од 55.200 луѓе, а над 127.800 се повредени.

Палестинските извори обвинија дека израелската армија отворила оган кај пунктови за помош, додека фондацијата GHF, поддржана од Израел и САД, објави дека Хамас извршил смртоносен напад врз нејзини вработени.

Палестинската новинска агенција ВАФА јави за најмалку 13 убиени и околу 200 повредени на пункт за помош во коридорот Нетзарим во централна Газа. Хамас потврди 10 мртви и над 120 повредени. Дополнително, ВАФА јави за петмина загинати во областа Суданија, каде луѓе чекале храна.

Израелската армија не се огласи за овие инциденти.

Хуманитарната фондација за Газа (GHF), поддржана од Израел и САД, започна со дистрибуција на помош минатиот месец по речиси тримесечна израелска блокада.

Иницијативата има за цел да го спречи Хамас да ја пренасочи помошта, според израелските власти. Сепак, операцијата предизвика критики од ОН и хуманитарните организации, кои наведуваат загриженост за безбедноста и пристапот.

GHF соопшти дека во синоќешниот напад на Хамас врз еден од нејзините автобуси за вработени загинаа осум Палестинци а неколку други беа повредени. Тимот беше на пат кон дистрибутивен центар западно од Кан Јунис во јужна Газа.

Фондацијата изјави дека некои вработени можеби се земени како заложници и дека сè уште собира информации.

„Тоа беа хуманитарци. Татковци, браќа, синови, пријатели“,  соопшти организацијата и побара од меѓународната заедница да го повика Хамас на одговорност.

Според ВАФА, од 27 мај досега се убиени 224 лица, а над 1.850 се повредени кај пунктови за дистрибуција на помош. „Пунктовите станаа стапици за масовни убиства“, наведува агенцијата.

Денеска, палестинската телекомуникациска власт соопшти дека последната оптичка мрежа во Газа е уништена во напад, со што се прекинати сите интернет и телефонски врски.

ВАФА предупреди на тешки хуманитарни последици и побара итна санација на мрежата.

Израел веќе 20 месеци спроведува воена кампања во Газа со цел елиминација на Хамас и ослободување на заложниците. Новата копнена офанзива почна пред речиси еден месец. Меѓународната критика, вклучително и од сојузниците на Израел, расте поради бројот на цивилни жртви и хуманитарната катастрофа. 

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни