Администрацијата во Вашингтон се соочува со критики од Њујорк и Њу Џерси поради зачестените надлетувања на дронови над некои места во овие сојузни држави а тоа создава загриженост и паника кај локалното население. Поради зачестена појава на неидентификувани летала синоќа бил затворен и локален аеродром.
Гувернерката на Њујорк, Кети Хочул излезе со изјава денеска по овој повод со зборовите „ова отиде предалеку“.
Таа изјави дека администрацијата на претседателот Џо Бајден „мора да интервенира“ и да ги обезбеди Њујорк и околните региони со „дополнителни федерални агенти за спроведување на редот и мирот“ поради зголемената активност на дронови.
– Пистите на аеродромот Стјуарт синоќа беа затворени околу еден час поради активност на дронови во воздушниот простор. Ова отиде предалеку, изјави гувернерката.
Се додава дека таа неодамна дала насоки на Разузнавачкиот центар на државата Њујорк активно да ги истражува појавите на дронови и да координира со федералните агенти „за да се справиме со овој проблем, и тие напори се во тек. За да се овозможи на државните органи да се занимаваат со овој проблем, го повикувам Конгресот да го усвои Законот за безбедност, сигурност и повторно овластување на системите против беспилотни летала“.
Сенаторката Кирстен Гилибранд, демократка, лидерот на мнозинството во Сенатот, демократот Чак Шумер, и демократските сенатори Кори Букер и Енди Ким вчера испратија писмо до Министерството за домашна безбедност на САД, ФБИ и ФАА, барајќи брифинг за тоа како агенциите соработуваат со федералните и локалните органи за спроведување на законот за идентификување и справување со изворот на неодамнешната активност на беспилотни воздушни системи во Њујорк и Њу Џерси.
Во писмото се истакнува дека „од крајот на ноември, заедниците во областа на градот Њујорк и северниот дел на Њу Џерси пријавиле неколку инциденти на неидентификувани дронови ноќе, што предизвикува вознемиреност кај жителите и локалните органи за спроведување на поредокот“. Се нагласува дека „потенцијалните ризици за безбедноста и сигурноста од овие дронови во цивилни области се особено релевантни со оглед на неодамнешните упади на дронови на чувствителни воени локации во и надвор од континенталниот дел на САД“.
Од Белата куќа вчера изјавија дека нема докази дека безбедносната ситуација е загрозена од појавите на дронови.
Според портпаролот Џон Кирби, забележаните неидентификувани летала биле воздухоплови кои оперирале законски, а тоа го потврдија и од Министерството за домашна безбедност.