Националниот џез оркестар има нов, траен простор, дали Филхармонија ќе се извини за дезинформациите?

Новоформираната Национална установа Џез оркестар , со одлука на Владата, доби посебна трајна адреса и простор.

„Се работи за дел од вкупниот простор од 1448 м2 под Националната Опера и балет, простор од 475 м2, за чие соодветно реновирање имаме и проект и обезбедени средства“, истакна Бисера Костадиновска Стојчевска на денешната прес конеференција во Владата.

Откако беше заокружен целиот процес, кој заради почитување на законските процедури и рокови траел неколку недели, Владата , на денешната седница, донесе одлука овој простор да ѝ припадне на Националната установа Џез оркестар и на тој начин најдобро да го искористи и да го сочува државниот имот.

„Ќе нагласам – иако се работи за државен имот, беше потребно време за комплетирање на документацијата, запазување на сите законски постапки и изготвување на проект за реконструкција и адаптација на просторот, а сето тоа одеше етапно и се разгледуваше на неколку владини седници.

Јас моето ветување кон јавноста, а пред сè кон вработените во Филхармонија, го исполнив и со оглед на обемноста на документацијата и запазувањето на сите неопходни процедури, ова ветување го одржав во реално најкус можен временски период. Ветив и ветувањето го исполнив“, изјави министерката за култура.

Понатаму министерката кажа дека сега ред е на директорката и Управниот одбор на Филхармонија да се извинат, заради тоа што свесно манипулираа со врвни музичари, но и со авторитети од светот на културата.

„Невистините, манипулациите и заканите продолжија и откако на владина седница ја дополнивме одлуката, допрецизирајќи и нагласувајќи  дека Џез оркестарот времено, до своето законско оформување, ќе биде во дел од просториите на Филхармонија. Поединци, користејќи се со полувистини, на сите манипулации ја дотурија и таа дека „заради нивното спротивставување и борба за зградата на Филхармонија“ јас сум им испратила инспекција. Вистината е далеку од тоа. Се работи за редовна комуникација на службите од Министерството за култура со Националните институции, и тие не се инспектори“- изјави министерката.

Нагласи дека, заради искористување на секој денар во културата, побарал од културните институции да достават финансиски планови.

„И уште една полувистина – посебната сметка на Филхармонија е блокирана?! Не е точно.  Вистината е дека, заради подобра евиденција и искористеност на секој денар во културата, од пред неколку месеци побарав сите Национални установи да достават прецизен план каде ќе бидат искористени тие средства. Ако отчетност бараме од другите корисници, зошто не би ја барале и од Националните установи“- категорична беше Костадиновска Стојчевска.

На крајот од пресот таа истакна дека верува „вработените во Филхармонија ќе си останат на зборот дека нивните колеги од Џез оркестарот ќе можат да ги одржат своите генерални проби и концерти во зградата на Филхармонија“.

Повика да се запрат протестите и да се вратат во нормалниот ритам на работа. „Да го дочекаме големиот Мехта достоинствено“, рече таа.

„Претседателот на Синдикатот на Филхармонија се надевам дека ќе има минимум доблест на јавноста, но пред сè на своите колеги, да им се извини за сите пласирани манипулативни соопштенија во кои немаше ниту грам синдикализам, а уште помалку култура и со тоа креираше погрешна слика во јавноста дека музичарите се нетрпеливи и тесногради едни кон други“- посочи министерката.

Просториите на Националната установа Џез оркестар се спроти просториите на Културно уметничкото друштво „Орце Николов“.

Инаку, на прашањето на Трн за тоа дека врвни музичари од Филхармонија свиреле на свадби, таа не упати ан одговор во самата Филхармонија.

А запрашана да даде коментар на повиците за оставка, министерката одговори: „Тие манипулираа, навредуваа, јас на тоа не одговорив, како што кажав на самиот почеток, угледот си го правиме сите сами, така што немам што да кажам понатаму“.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни