Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство со најостра осуда на бруталниот напад врз градоначалничката Данела Арсовска

Националната мрежа против насилство врз жените и семејно насилство најостро го осудува денешниот срамен и недозволив физички и вербален напад врз градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, кој се случи за време на нејзиното извршување на службени обврски при увид на локација со дивоградба.

Овој напад претставува флагрантно кршење на човековите права, напад врз достоинството на жената и грубо поткопување на институционалниот интегритет. Тоа е атак не само врз една жена на јавна функција, туку и врз основните темели на правната држава и демократијата.

Бараме итна, темелна и непристрасна истрага, како и најстрога санкција за сите вклучени сторители. Државата мора да испрати јасна и недвосмислена порака дека насилството – без разлика врз кого е насочено – е неприфатливо и нема да се толерира.

Како мрежа која повеќе од една деценија се залага за искоренување на родово базираното насилство, остро алармираме за растечките трендови на говор на омраза, деградација и физички напади врз жени, особено оние кои се активни во политиката и јавниот живот. Жените политичарки сè почесто се цел на закани, омаловажување и насилство, особено на социјалните мрежи, создавајќи средина на страв и самоцензура.

Резултатите од истражувањето на Националниот демократски институт и Охридскиот институт од 2020 година покажуваат дека 65% од жените во политиката во Македонија доживеале некаков вид на насилство, додека 62% од нив не го пријавиле, поради недоверба во институциите, и покрај нивниот јавен ангажман.

Оваа реалност мора да се промени. Насилството не смее да биде цена што жените ја плаќаат за јавно учество. Потребни се итни системски мерки, силна политичка волја и јавна осуда од сите општествени чинители.

Само преку решителна, гласна и солидарна реакција можеме да изградиме општество во кое секоја жена, без разлика на нејзината позиција, ќе биде безбедна и подеднакво вклучена.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни