Национален парк Галичица: Популацијата на елени порасна од 30 на над 200 единки

По големиот интерес на јавноста, од паркот објавија фотографии и детали за секојдневната грижа и заштита на елените во репродуктивниот центар
Foto: Национален парк - Галичица

Националниот парк Галичица информира дека репродуктивниот центар за елени, отворен во 2019 година, бележи значителен успех во обновувањето и заштитата на популацијата, која од околу 30 единки пред неколку години денес брои над 200 елени.

Информацијата доаѓа откако видео од центарот, објавено пред неколку дена, предизвика голем интерес и бројни прашања од јавноста – за грижата, исхраната и безбедноста на животните. Како одговор, од Националниот парк објавија и фотографии кои ја прикажуваат секојдневната работа на терен.

Од паркот посочуваат дека за елените континуирано се грижи посветената ренџерска служба. Ренџерот Лазе, заедно со неговите помошници Јане и Кире, секојдневно обезбедуваат храна и вода, вршат редовни контроли и се грижат за безбедноста и благосостојбата на животните.

Покрај постојаното присуство на ренџерите, репродуктивниот центар е опремен и со видео-надзор камери, што овозможува дополнителна заштита и навремена реакција во случај на потенцијални закани.

Од Националниот парк Галичица потсетуваат дека центарот е основан со јасна цел – активно управување со високопланинските пасишта, заштита и обновување на популацијата на елени и долгорочно зачувување на биолошката разновидност. Според нив, ваквиот пристап придонесува за здрави екосистеми, природна рамнотежа и одржлива иднина за паркот.

„Ви благодариме за грижата и интересот – заедно ја чуваме природата“, порачуваат од Националниот парк Галичица.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни