Начинот и условите на живот повеќе придонесуваат за здраво стареење отколку гените

Социоекономскиот статус и другите фактори на животниот стил се потесно поврзани со здравото стареење отколку генетиката

,,Вашиот поштенски код е исто толку важен за вашето здравје како и вашиот генетски код” – ова е омилената фраза меѓу здравствените експерти одредувајќи каде живеат луѓето, каква храна јадат, колку е добра нивната медицинска нега и колку загадување дишат.

Сега, една нова студија во списанието Nature Medicine сугерира дека факторите на животната средина, вклучувајќи ги и изборот на животниот стил и условите за живеење, се околу 10 пати поважни од генетиката кога станува збор за здравото стареење и раната смрт.

Според истражувањето предводено од Универзитетот Оксфорд во Велика Британија, возраста, полот и факторите на животната средина заедно, познати како експозома, објаснуваат околу 66 проценти од ризиците за смртност.

„Бевме изненадени колку е голема разликата, колку животната средина е поважна од генетиката“, рече Остин Аргентиери, првиот автор на студијата и истражувач на Универзитетот Харвард.

Студијата опфати речиси половина милион луѓе во Обединетото Кралство. Истражувачите ги идентификуваа генетските ризици на учесниците за 22 болести, следеа здравствени проблеми како дебелината, висок крвен притисок и дислипидемија и користеа протеини од нивната крв за да измерат колку бргу стареат луѓето биолошки.

Тие првично се фокусираа на 164 фактори на животната средина, но ги намалија на 25 клучни мерки коишто беа поврзани и со смртта и со биолошкото стареење. Овие фактори опфаќаат сè, од нивото на образование, приходи во домаќинството, вработување, спиење, вежбање, пушење, социјална поддршка, ментална благосостојба, телесна тежина на 10-годишна возраст и дали мајката била пушач.

Поединечно, овие фактори играа мала улога во ризикот од прерана смрт, но комбинирани во текот на животот, го зголемуваат ризикот.

,,Овие фактори се „навистина основните аспекти на животната средина и однесувањето и начинот на живот, како и нашите пошироки социокултурни, физички контексти“, вели Аргентиери.

Важноста на генетиката и факторите на животната средина се разликуваа кога станува збор за специфични здравствени проблеми. Генетските ризици беа поголеми двигатели на деменција и рак на дојка, простата и колоректален карцином, додека факторите на животната средина беа поважни кога станува збор за болести на белите дробови, на срцето и на црниот дроб, покажа студијата.

Студијата има неколку ограничувања. Резултатите може да бидат различни во други земји, други фактори кои не беа вклучени во студијата, исто така, може да се поврзат со здравјето, а студијата не утврдува причина и последица, туку само корелации.

Сепак, имајќи предвид дека многу фактори на животната средина може да се променат, независните истражувачи велат дека наодите нудат патоказ за интервенции во политиката за подобрување на здравјето на луѓето. Д-р Стивен Бурџис, биостатистичар од Универзитетот во Кембриџ, смета дека резултатите нагласуваат дека во повеќето случаи „нашите гени не ја одредуваат нашата иднина“. „Генетиката може да ги наполни коцките, но од нас зависи како ќе играме со нив во рака“, рече Бурџис.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни