НАCА откри бактерија што може да „глуми мртва“

Да се изгради вселенско летало значи да се создаде еден од најчистите можни простори на Земјата.

Кога испраќате робот да бара микроскопски форми на вонземски живот, последното нешто што сакате е да ги замените микробите од Земјата со „откритие“ од друга планета. Чистотата е подеднакво важна и за заштита на астронаутите од опасни микроорганизми за време на долги мисии – на Меѓународната вселенска станица, на Месечината или на Марс.

Затоа НАСА ги гради своите летала во таканаречени „чисти соби“ – најстерилните простории што постојат. Но, пред нешто повеќе од една деценија, научниците беа шокирани кога открија сосема нов вид бактерија која се појавила  не во една, туку во две такви простории – оддалечени илјадници километри една од друга.

Бактеријата, наречена Tersicoccus phoenicis, се покажа како безопасна. Но, нејзиното присуство предизвика сериозни прашања: како успеала да се сокрие толку долго и да ја преживее најстрогата стерилизација?

„Не беше мртва – само се преправаше“

Новото истражување, објавено во списанието Microbiology Spectrum, конечно откри како оваа бактерија го постигнува тоа. Таа има способност да влезе во состојба на длабока хибернација – толку длабока што станува недетектирана.

„Не е мртва. Само се преправа дека е,“ вели д-р Мадан Тирумалаи од Универзитетот во Хјустон, еден од авторите на студијата. „Таа е во мирување.“

Откако беше откриена T. phoenicis, во чистите простории на НАСА и Европската вселенска агенција (ESA) се појавија и други мистериозни микроорганизми, од кои некои би можеле да претставуваат проблем. „Можеби таму се кријат цели групи вакви бактерии,“ предупредува биохемичарот Вилијам Видгер, коавтор на студијата.

Кога најчистите простории стануваат дом на најотпорните организми

Иако ваквите лаборатории се дизајнирани да бидат речиси стерилни, животот секогаш наоѓа начин. Воздухот таму постојано се филтрира, повисокиот притисок спречува влегување на надворешен воздух, а површините се третираат со ултравиолетова светлина, радијација и микробицидни гасови. Некои материјали се дури и сушат на температури над точката на вриење на водата за да се уништат сите потенцијални хранливи остатоци.

И покрај тоа, некои микроби успеваат да преживеат. Некои создаваат заштитни спори кои можат да опстанат милиони години. Други, како T. phoenicis, едноставно „преспиваат“.

Во таа состојба тие не можат да се детектираат со класични тестови, бидејќи не растат во лабораториски услови. „Тие се како во зимски сон,“ вели Тирумалаи. „И само кога ќе им се обезбедат точните услови – тие повторно се будат.“

Подемот на „малиот феникс“

Историјата на оваа бактерија почнува во 2007 година, кога инженерите на НАСА го подготвувале леталото Phoenix за слетување на Марс. Примероците од чистата соба на Центарот Кенеди во Флорида откриле нешто неочекувано: сосема нов организам кој, подоцна, бил најден и во чиста соба на ESA во Француска Гвајана – на повеќе од 2.500 милји растојание.

Истражувањето на нејзиниот геном открило дека бактеријата носи ген за т.н. „фактор на промовирање на будење“ (resuscitation-promoting factor – Rpf) – протеин што може да ги „разбуди“ сличните бактерии. Кога научниците ја дехидрирале бактеријата и ја лишиле од храна, таа веднаш паднала во длабок сон. Само кога во средината бил додаден Rpf – повторно оживеала.

Иронично, токму овој протеин е вообичаен во природата – го создаваат бактерии што живеат на човечката кожа. „Ти го имаш, јас го имам, секој го има,“ вели Видгер. Со други зборови, ако T. phoenicis успеала да стигне до Марс со леталото Phoenix, можеби таму би можела повторно да се „разбуди“ – доколку најде слична супстанција.

Дали НАСА навистина пратила бактерии на Марс?

Иако шансите за преживување на ваква бактерија во суровите услови на Марс се минимални, можноста не може целосно да се исклучи. Поради тоа, секој иден „наод“ на микробен живот на Црвената планета ќе мора внимателно да се спореди со базата на познати земјини микроорганизми од чистите простории.

Но вистинската поука не се однесува само на Марс, туку и на Земјата. T. phoenicis е предупредување за сите индустрии што се потпираат на стерилност – фармација, болници, прехранбена индустрија. Ако некоја патогена бактерија развие слична способност за „спиење“, последиците би можеле да бидат сериозни.

„Она што не го знаеме е пострашно од она што го знаеме,“ вели Видгер.

Како да се бориме против „невидливите“ микроби

Научниците предлагаат да се тестираат повеќе површини за траги од ДНК, дури и кога нема активен раст. Еден поинвентивен пристап би бил – да се спречи бактериите да заспијат. Додавањето на Rpf би можело да ги „разбуди“, со што би станале подложни на уништување со антибиотици.

Иако кратките мисии на Меѓународната вселенска станица не се во опасност, идните долгорочни мисии до Месечината и Марс ќе мора да сметаат на ваквите „невидливи автостопери“.

На крајот, ако човекот некогаш се насели на друга планета, ќе мора да понесе и растенија – а со нив и милиони микроби. „Се надевам само дека тие ќе бидат од пријателскиот вид,“ завршува биологот Нилс Авереш.

Извор: National Geographic

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни