На жените во менопауза им треба повеќе калциум, а помалку железо

Правилната исхрана обезбедува здравје и виталност за жената во овој период

Менопаузата, којашто обично се јавува на возраст од 45 до 56 години, носи бројни промени во телото поради намалувањето на естрогенот. Меѓу нив се и оние поврзани со исхраната.

Гинеколозите сметаат дека на жените во менопауза им треба повеќе калциум, а помалку железо отколку претходно. Според нив, по 51-вата година, препорачаниот дневен внес на калциум се зголемува од 1.000 на 1.200 милиграми. Идеално би било ако калциумот доаѓа од исхраната, а додатоците може да се користат за да се пополнат сите недостатоци. Калциумот е клучен за зајакнување на коските бидејќи менопаузата го забрзува губењето на коскената маса, зголемувајќи ја опасноста од остеопороза. Покрај калциумот, клучна улога во внесот на овој минерал има витаминот Д. Без доволно витамин Д, телото не може до крај да го искористи калциумот што го внесува.

Од друга страна, вишокот на железо, може да се насобере во органите како што се црниот дроб и срцето и да предизвика здравствени проблеми. Препорачаната дневна доза на железо во овој период од животот е осум милиграми, што лесно се постигнува преку исхраната, односно со конзумирање на грав, спанаќ или говедско месо.

Се разбира, за какви било прашања или дилеми во однос на исхраната во менопауза, жените треба да се консултираат со лекар или нутриционист.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни