Во овој разговор ни открива зошто секогаш бира потешка патека, кој врв му е најголем предизвик, што носи со себе над 6000 метри и зошто велосипедот за него е многу повеќе од превозно средство.
Трн: Како започна твојата велосипедска приказна?
Никола: Реално, цел живот сум спортски активен — со кошарка почнав од многу мала возраст, со прилично добри резултати. Ама, по средно, интересите се менуваат и имав една „дупка“ од една-две години без спорт. Во тој период природно се свртев кон животна средина и студии по екологија. Потоа околината ми беше тригер — моите другари почнаа да возат точаци и така и јас си земав, буквално, прво една „канта“, ама оттогаш не престанав.
Трн: Го чуваш ли уште тој прв велосипед?
Никола: Не баш првиот, ама го чувам првиот нормален планински велосипед — еден стар „Трек“, стар околу дваесет години. Тој нема цена за мене, буквално. Тој ми е амблем на почетокот на сериозната приказна со планински велосипедизам.

Трн: Што беше почетокот на авантурите по планини?
Никола: Почнав со Водно, Кучково, Скопска Црна Гора, па понатаму и низ цела Македонија. Со текот на времето, терените стануваа посериозни, велосипедот се менуваше, вештините се надградуваа. Се собра екипа со која истражуваме нови патеки — некои возливи, некои и не баш. Сме туркале, сме носеле велосипед и со часови, ама токму тоа го прави авантурата авантура.
Трн: Возиш и по невозливи патеки? Зошто?
Никола: Да, не ми пречи. Понекогаш тоа е едноставно „отежнато планинарење“ со велосипед како товар. Ама целта е нов терен, ново искуство. Ако е убаво визуелно — ако има езеро, панорама, хоризонт што го паметиш — тогаш секоја мака се исплатува. Особено кога ќе ја спуштиш патеката, адреналинот ги брише сите тешкотии.
Трн: Кој ти бил најголем визуелен „уау“ момент досега?
Никола: Од странство – Хималаите и Андите. Потполно различни, едните снежни, другите сто нијанси кафено, но подеднакво моќни. А кај нас — дефинитивно Кораб. Алпски пејзаж, планина без конкуренција кога станува збор за визуелна убавина.

Трн: А најголем предизвик?
Никола: Кај нас – врвот Голема Враца. Немаше патека, немаше маркација, цел ден поминавме со туркање, носење и малку возење, ама авантурата беше незаборавна. А од странство – без конкуренција Чиле и вулканот Охос дел Саладо. Тоа беше ултимативен предизвик – и физички, и логистички, и ментално.
Трн: Колку врвови искачи досега?
Никола: Немам точна бројка. Во Македонија – многу. Во странство: Арарат, Килиманџаро, Дамаванд, Етна, Охос дел Саладо… и ред други над 5000 и 6000 метри. Плановите не престануваат, само се надградуваат.

Трн: Што ти е најголем мотив да продолжуваш?
Никола: Тоа што не знам што ме чека. Ако точно знам што ме очекува и знам дека ќе стигнам без мака, не ми е интересно. Сакам предизвик, анализа, подготовки, стратегии. Тоа ме држи жив.
Трн: Како изгледа подготовката за таква експедиција?
Никола: Ги анализираме терените однапред – видеа, фотографии, контакт со луѓе што биле таму. На пример, за Чиле трениравме и на Козја стена за да симулираме терен сличен на вулканскиот – стрмен, ронлив. Носиш точак на грб со часови. Правиме и кардио, и тренинг со тежина во ранец. Сѐ зависи од планината.

Трн: Што си носиш за енергија на над 6000 метри?
Никола: Секогаш некое мало шише газиран шеќерен пијалак, суво овошје, урми, барови. Не сакам гелови, ми делуваат неприродно, иако секогаш носам еден – за „црни“ моменти.
Трн: Имаш ли поддршка за овие потфати?
Никола: Од дома – секогаш. Сопругата и синот ми се најголема поддршка. Имаме и традиција – син ми ми дава количка што морам да ја искачам на врвот и да му ја вратам (се смее). Од државата – не. Но добиваме скромна поддршка од приватни субјекти.
Трн: Кој е твојот најголем успех досега?
Никола: Животно – што сум татко. Професионално – Чиле како најтешка авантура. Работно – тоа што преку организацијата „Вело училиште“ успеавме да донесеме велосипедизмот и еколошката едукација до стотици деца и наставници во цела Македонија.

Трн: Ќе станат ли овие теми задолжителни предмети во училиштата?
Никола: Сè уште не, но сме дел од изборните предмети. Постои предмет за еколошко искуствено учење и предмет за велосипедизам. Работиме и со наставници преку обуки, а потоа тие самите го пренесуваат знаењето. Практичната страна е клучна – децата учат животни вештини.
Трн: Возиш точак и низ Скопје? Колку е градов френдли за велосипедисти?
Никола: Секако дека возам – целото семејство вози. Скопје е донекаде френдли, ама не доволно. Неопходни се подобра инфраструктура, безбедни патеки, едукација и култура на почит кон велосипедистите.
Никола Нешкоски е човек што ни покажува дека со визија, страст и решителност – секој врв може да се искачи. Особено ако носиш велосипед на грб и количка во срце.