Годината што изминува ме научи многу. Ме научи да се свртам повеќе кон себе, кон она што јас го сакам, да бидам слободна и да знам што да пуштам, а што да задржам. Добри и лоши моменти, луѓе, проекти… Да размислам што е она што вреди да остане. Научив дека силата е да знаеш кога да се бориш за нешто, а кога едноставно да заминеш. Да не молчиш, да не се приклонуваш, да не се оправдуваш. Никому.
2025 ме научи дека светот не е место за оние кои чекаат. Ниту пак е за оние кои се надеваат дека системот ќе ги спаси, дека луѓето ќе бидат чесни, дека вредностите на човештвото ќе победат. Не. Системот секогаш ќе те разочара. Луѓето често исто така. Партиските вредности, статусите, „нормите“… и понатму се пред човечките вредности. Ако не се бориш, ако не се спротивставиш, ќе бидеш скршен или претопен во сивилото на партиска и системска сервилност.
Во 2025 научив дека бунтот во земјава во која живееме е неопходен како воздух. Ако ја изгубам бунтовноста, како да сум се изгубила себе си и сум се претопила во сивилото. Да се бунтувам значи да не прифатам дека мојот глас е помалку важен, дека мојата вредност е помала од нечие мнозинство, дека мојата љубов, желба и избор не заслужуваат простор.
Научив годинава дека треба да се остави простор и за нови луѓе во животот. Не сите тие ќе останат, не сите ќе ја заслужат доверба, но светот е премал за да се држиме за токсичните врски. Некои луѓе ќе те научат на убави нешта, некои ќе те повредат, некои ќе бидат тука секогаш кога ќе ти требаат.
Годината која измина ме научи дека убавината не треба да се бара и дека таа се случува и ненајавено. Мирисот на дождот наутро, насмевката на непознат минувач, топлината на рацете кои ги сакаш… тоа се моменти што вредат да се чуваат.
Научив дека не можам да очекувам ништо од светот. Не можам да барам оправдување од системот, ниту пак поддршка од оние кои се плашат да го сторат она што е исправно. Намето тоа, поедноставно е да создаваш сам. Да бидеш тој кој прави разлика и менува, наместо да чекаш да бидеш спасен.
Во 2025 година сфатив одново и одново дека малите радости се револуција. Мирисот на утринското кафе, смеењето на оние кои ги сакам, патувањата, долгите разговори и тишината која носи спокој. Научив дека треба да си дозволам што повеќе убави моменти. Да не чекам дозвола, да не барам согласност. Да бидам бесрамно среќна.
Научив дека треба да се мисли на иднината, на оние кои ќе дојдат по нас. Да се создаде поубав свет за нашите деца, свет каде жените нема да се плашат да се бунтуваат, каде љубовта не е грев, каде вредностите се човечки, а не политички.
Да не молчам на неправди. Да не правам компромиси со себе си. Да не прифаќам ништо помалку од тоа што заслужувам.
И научив да сакам. Безусловно, без страв, без ограничувања. И кога боли и кога е тешко, затоа што љубовта е моја.
2025 година ме научи дека животот е бесрамно суров, но и бесрамно убав. Дека болката и радоста не можат да се разделат и дека храброст е да живееш полно, да се бунтуваш, да создаваш, да сакаш, дури и кога сите околу тебе се откажуваат.
Ако однесам само една лекција од оваа година, тоа ќе биде: создавај, менувај, бунтувај се, сакај, биди среќна. Не чекај дозвола, не чекај оправдување и одобрување. Не се плаши. Биди бескомпромисно ти.