Илон Маск, најбогатиот човек на светот и сопственик на компаниите „Тесла“, „Спејс Икс“ и социјалната мрежа X, во октомври стана првиот човек во историјата чие богатство ја надмина нето-вредноста од 500 милијарди долари.
И покрај тоа, Маск тврди дека живее невообичаено скромно. Тој во 2021 година изјави дека живее во мала монтажна куќа во Тексас вредна околу 50.000 долари, во близина на седиштето на „Спејс Икс“.
Неговата поранешна партнерка, пејачката Грајмс, откри дека Маск „понекогаш живее под границата на сиромаштијата“ и дека дури одбивал да купи нов душек иако стариот бил оштетен.
Иако домот му е скромен, неговата љубов кон автомобилите и авионите е добро позната. Поседува класичен Ford Model T, Jaguar E-Type Roadster од 1967, McLaren F1, и Lotus Esprit од филмот за Џејмс Бонд „Шпионот кој ме сакаше“ – автомобил кој може да се претвори во подморница, купен за речиси еден милион долари.
Во неговата колекција има и неколку приватни авиони „Галфстрим“, кои, како што вели, му овозможуваат да работи повеќе часови и побрзо патува меѓу фабриките на „Тесла“ и „Спејс Икс“.
Маск исто така тврди дека продал речиси сè што поседувал – вклучувајќи седум луксузни вили во Бел Ер – за да се посвети на својата мисија за Марс и технолошкиот напредок на човештвото.
Што се однесува до филантропијата, Маск има своја „Фондација Маск“, која финансира истражувања во науката, технологијата и вештачката интелигенција. Но, американските медиуми го критикуваат дека неговите донации често се „селективни“ и поврзани со неговите компании.
Сам Маск смета дека неговите бизниси се најголемиот облик на филантропија:
„Тесла ја забрзува одржливата енергија, Спејс Икс обезбедува опстанок на човештвото, а Неуралинк работи на решавање на мозочни повреди,“ изјави тој.