Имам потреба да го оставам телефонот и социјалните мрежи подалеку од мене неколку дена, да паузирам со тоа бескрајно чепкање по Инстаграм и замислениот свет таму некаде, за да можам подобро да видам каде сум и што сум. Пречесто ми се случува ова, а гледам и слушам и на многу други луѓе со фрустрација од она што се гради онлајн.
Неосетно телефонот стана врската преку која најмногу се поврзуваме, заборавајќи ја интимноста на вистинските средби и разговори и ова е нешто кое се повеќе се продлабочува и станува многу чудно и тажно. Затоа, решив да правам еден мал експеримент кој подразбира дека барем два до три пати во месецот ќе функционирам строго без социјални мрежи и информации кои ми доаѓаат од нив, за да си ја избистрам главата и да дојдам во поголем контакт со себе.
Првите денови кога се обидов да го практикувам ова, сфатив колку си недостасувам сама на себе и колку тешко филтрирам (поради напливот на информации) што го заслужува моето време, а што не. Ова ми создаде едно силно чувство на незадоволство. Седиме и гледаме со часови пред екраните, поттиснувајќи го истото тоа незадоволство преку сите содржини што ни протрчуваат пред нас и тоа е нашето ново нормално одамна. Не знам, нели имаше нешто за важноста на свесното живеење, за последниците врз здравјето, за дехуманизацијата врзано со сето ова? Свесна за ова, а истовремено навикната на она што го предизвикува контактот со секоја апликација, за интересот кој ме побарал од другата страна и каде е, останувам збунета првиот ден од оваа замисла неколку пати во месецот да си правам таканаречени ,,тивки денови”.
Го пишувам ова затоа што по првите пробни денови сфатив колку ми е неопходно и колку во суштина ми е тешко, како и на други луѓе, да се одвојам од тој нереален свет и да видам што во суштина му треба на моето време во сите тие информации и како го живеам вистински животот присутна. Неколку дена оддалечување и сега сум ептен исплашена дека драматично ни се сменија многу погледите за односите и комуникацијата, за споделувањето и сегашноста. Гледам по себе. Тоа што постои отаде нашите телефони има многу малку врска со она што го гледаме пред нас и во тие процеси често се губиме и самите со споредби, со незадоволство, со присутност во туѓите наместо во својот живот. Оттаму, само вакво оддалечување во вртлогот на многу информации и сензации може да ме застане и да ме натера посуштински да се преиспитам себеси и да се освежам.
Што го заслужува моето време се прашувам, кога сите информации и контакти ми се на дланка, а тоа не ми помага? Животот што се живее активно. Трчање, возење велосипед, добро вежбање. Односи што се градат во реалноста и токму таму припаѓаат. Излегување на пијачка. Гестови, суштина и желби за промена кои се однесуваат повторно на она што не е на социјалните мрежи. Емоции кои се вистински и присутни, не имагинарни, претставени преку пишани зборови. Свирки низ град. Споделување, допир, интерес. Поврзување во вистинска смисла. Допамин кој се лачи од квалитетни активности за себе, за мир, за раст. Многу од овие работи стануваат појасни кога се намалува гужвата во глава и одеднаш стивнува сè, затоа што не сме присутни секаде и не ни треба да сме. Преплавеноста и неможноста човек вистински да се одмори и да си даде време на себе се многу интензивни денес. Барем за мене, бараат порадикален пристап кон онлајн просторот, што воопшто не е лесно.
Моето и нашето време време го заслужуваат она што може да помогне во овој хаос и континуиран вртлог на драми и скандали да се чувствувам(е) подобро, постабилно и пофокусирано со цел справување со предизвиците да се живее во едно вакво време. Дефинитивно социјалните мрежи и ,,залепувањето” до телефоните не само што не помага, туку и активно нè оддалечува од себе и од другите со илузијата за тоа дека сме на еден клик едни до други. Да не сонуваме за стварноста, да се обидуваме посилно да и се враќаме на неа, наспроти она што може да се види и почувствува во невидливиот простор во кој толку многу гние светот.