Додека светските медиуми, организаторите на Нобеловиот комитет и неговите колеги безуспешно се обидувале да стапат во контакт со него, Рамсдел уживал во природата на северозападот на САД. Неговиот мобилен телефон бил ставен во авионски режим, па не добил ниту една порака.
Според изјава за New York Times, научникот бил во друштво на сопругата кога таа конечно добила сигнал и го забележала напливот на пропуштени повици и пораки. Така, по 12 часа, Рамсдел дознал дека е лауреат на најпрестижната научна награда.
Тој се обидел веднаш да го контактира генералниот секретар на Нобеловиот комитет, Томас Перлман, но веќе било доцна навечер во Шведска. Разговорот се одржал следното утро.
Откритија што го менуваат разбирањето на имунитетот
Рамсдел, заедно со Мери Е. Бранков и Шимон Сакагучи, ја доби Нобеловата награда за медицина за 2025 година за откритијата поврзани со периферната имунотолеранција – клучен механизам со кој телото спречува имунолошкиот систем да ги напаѓа сопствените ткива. Овие откритија имаат огромно значење во борбата против автоимуни заболувања и алергии.
64-годишниот Рамсдел моментално е научен советник во биотехнолошката компанија Sonoma Biotherapeutics од Сан Франциско. Компанијата соопшти дека тој е на тронеделно планинарење со сопругата во планините на сојузните држави Ајдахо, Вајоминг и Монтана, и дека „ужива во животот – без сигнал“.
„Се обидувам да поминам што е можно повеќе време во планините. Благодарен сум и длабоко почестен од ова признание, и со нетрпение очекувам да го прославам заедно со моите колеги“, изјави Рамсдел.
Награда со престиж и вредност
Нобеловата награда доаѓа со диплома, златен медал и паричен износ од 11 милиони шведски круни (околу 1 милион евра), кој годинава ќе го поделат тројцата добитници.
Извор: N1info.rs