Шпанската полиција истражува исчезнување на мала слика од Пабло Пикасо, проценета на 600.000 евра, која исчезнала за време на транспортот од Мадрид до изложбата во Гранада.
Сликата се вика „Мртва природа со гитара“ и требало да биде изложена на изложбата на Фондацијата Каха Гранада, која се отвори минатата недела.
Сепак, сликата на Пикасо, која е насликана во 1919 година и има димензии од 12,7 см x 9,8 см, никогаш не стигнала до изложбата „Мртва природа: Вечноста на неживото“.
Сликата е во сопственост на приватен колекционер од Мадрид.
Според соопштението од Фондацијата Каса Гранада, комбето со сликата пристигнало на својата дестинација на 3 октомври, а уметничкото дело било истоварено и проверено.

Некои уметнички дела беа внимателно спакувани, но не беа правилно нумерирани, па затоа не беше можно да се изврши детална проверка на целата пратка.
И покрај ова, пратката беше потпишана како исправна и комбето и неговата екипа продолжија.
Сепак, во петокот, кога уметничките дела беа распакувани, кустосот и раководител на изложбениот оддел на Фондацијата забележа дека сликата, имено „Мртва природа со гитара“, недостасува.

Шпанските медиуми известуваат дека комбето можеби ја поминало ноќта некаде во близина на Гранада и дека двајца членови на екипажот се менувале чувајќи го уметничкото дело.
Сликите на Пикасо често се цел на крадци низ целиот свет.