Според организаторите, оваа година на Октоберфест во Минхен се забавувале 6,7 милиони луѓе.
Рекордот не беше соборен бидејќи лани фестивалог го посетија 7,2 милиони луѓе – што е логично затоа што тогаш оваа национална прослава траеше два дена подолго од вообичаеното.
„Ова беше многу мирен и релаксиран Октоберфест“, рече шефот на организацискиот комитет Клеменс Баумгертнер од баварската Христијанско-социјална унија.
Поради неодамнешниот терористички напад во Солинген годинава беа зголемени безбедносните мерки и тие „исклучително добро функционираа“, објави организаторот.
Баварскиот министер за внатрешни работи Јоаким Херман објасни дека има засилени контроли на влезовите во областа каде се одржува забавата, проширен е видео надзорот, а на должност има повеќе полицајци од вообичаено.
„Балансот помеѓу високото ниво на безбедност и опуштената забава е успешно постигната“, рече Херман.
Минхенската полиција соопшти дека иако имало повеќе интервенции (1.764) од минатата година, евидентирани се помалку кривични дела. На Октоберфест се пријавени вкупно 706 кривични дела, што е за околу 24 отсто помалку од лани.
Организацијата за итна медицинска помош Ајхер Амбуланц, одговорна за сите медицински интервенции на Октоберфест, рече дека имале помалку работа од вообичаено.
Вкупно лекарска помош им била укажана на 5.346 лица, што е за околу 29 отсто помалку од лани. Третина од случаите биле поврзани со интоксикација, главно поради прекумерна количина на алкохол. Највисоката измерена количина на алкохол во крвта била 3,78 промили.
Времето овојпат беше променливо, особено во втората половина на Октоберфест. И покрај тоа, шаторите беа главно полни, а гостите имаат тенденција да трошат, рече Питер Инзелкамер, портпарол на угостителите.
Испиени се седум милиони литри пиво, а продажбата на храна е зголемена за девет отсто. Најмногу се јадело класичното „Хендл“, како што го нарекуваат печено пилешко во Баварија.
Иако, како и обично, годинава постојано се пееше и славеше, но ниту една песна не се издвои како особено популарна, па не беше прогласен „хит на 2024 година“.
Во канцеларијата за изгубени и најдени работи најмногу се предавале паричници, банкарски картички и женски чевли. Имаше и необични изгубени предмети, како што се трегери за баварски кожени панталони, венчални прстени.
Организаторите не го бројат секој гостин поединечно, но проценката на бројот на посетители е сложен процес. Се утврдува густината на редиците кои пристигнуваат на ливадата на Тересија и зафатеноста на шаторите, а потоа експертите врз основа на нивното искуство го проценуваат бројот на посетители.
За да се провери точноста на проценката, се користат дополнителни параметри, како што се количината на потрошено пиво и потрошувачката на електрична енергија, гас и вода. За да се процени учеството на странските гости, се земаат предвид податоците за продажбата на сувенири.
Исто така, организаторот може да добие пристап до број корисници на мобилни телефони, од кои се добива прилично сигурна слика.