На „Охридско лето“ фотографии кои од уникатна птичја перспектива ги доловуваат балетските изведби

Изложба на фотографии со наслов „Над кулисите“ од фотографот Александар Томовски беше отворена вчеравечер во Предворјето на црквата „Света Софија“ во рамки на 63-тото Охридско лето.

Оваа поставка, како што вели самиот автор, е специјално создадена и наменета за годинешното издание на престижното „Охридско лето“ и уникатниот простор во предворјето на велелетната црква „Света Софија“.

-Во целиот концепт исполнет симболика и филозофија, беа изложени 12 фотографии испечатени на врвна Hahnemühle FineArt хартија во голем формат, кои од уникатна птичја перспектива доловуваат балетски изведби на сцената на македонската „Национална опера и балет“. Некако по навика возвишеното го бараме со залутан поглед нагоре, па овие фотографии пробуваат да одговорат на тоа – што ако се издигнеме повисоко и со поглед надолу сведочиме една возвишена креација манифестирана како спој на музика, движењата и формите, шаренила, приказни и емоции, вели Томовски.

Перспективата „зад кулиси“ е добро позната и вообичаена, но за да се направат овие фотографии од „над кулисите“ е потребен поголем напор што пак претставува возбуда за самиот автор. Зошто токму од птичја перспектива?

-Најверојатно на истиот начин како што се најдов и зад кулисите, воден од љубопитноста и истражување нови перспективи на повеќе или помалку познати приказни кои веќе подолго време ги „ловам“ на и околу сцената на македонската „Национална опера и балет“. Воедно и заради комплексноста и напорот да се создаде едно вакво уметничко дело, за кое ретко кој друг театар нуди вакви технички можности, појаснува Томовски.

Александар Томовски е роден 1985 година во Скопје. Тој е софтверски инженер, но и фотограф и филмаџија во останатото време.

Неговата љубов кон фотографијата се буди во природата и планинските височини, па се спушта и расте низ градските улици и се доближува до секојдневието на луѓето, за да се насочи постепено во доловување на суштината на жената, која низ вековите ја дефинира уметноста и претставува вечна инспирација за уметниците. Тука некаде го пронаоѓаат своето место и балетот и балерините, со сета елеганција и грациозност што ја поседуваат, но и експресиите преку глумата, танцот, костимите…

Низ годините, Томовски учествува на престижни меѓународни натпревари и групни изложби во истакнати галерии, стекнувајки се со бројни златни, сребрени, бронзени медалји, почесни награди, дипломи, признанија…

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни