Скапоценото Фабержеово минијатурно јајце било извадено на природен начин, без потреба од медицинска интервенција, пренесува BBC.
Инцидентот се случил пред околу една недела во продавницата за накит Partridge Jewellers во центарот на Окленд. Полицијата го уапсила осомничениот само неколку минути откако, според сомнежите, го проголтал вредниот предмет за да го сокрие.
Украдениот приврзок, проценет на 33.585 новозеландски долари (околу 19.300 американски долари), е украсен со 60 бели дијаманти и 15 сини сафири. Според описот на продавницата, јајцето се отвора и открива минијатурна октоподa изработена од 18-каратно злато. Приврзокот го носи името „Octopussy“, инспириран од истоимениот филм за Џејмс Бонд од 1983 година, чија радња се врти околу кражба на Фабержеово јајце.
Полицијата го следела осомничениот под медицински надзор
По уапсeњето, мажот бил под постојан медицински и полициски надзор. „Бидејќи лицето се наоѓа во полициски притвор, имаме обврска да го следиме со оглед на околностите“, соопшти полицијата.
Осомничениот, кој повторно треба да се појави пред суд на 8 декември, се соочува со обвинение за кражба. Но, според судските списи, тој се товари и за кражба на iPad од истата продавница на 12 ноември, како и за кражба на песок за мачки и средство против болви од приватна адреса ден подоцна.
Од Partridge Jewellers соопштија дека приврзокот ќе биде вратен кај производителот светски познатата куќа Fabergé, јави Radio NZ. Fabergé е руска куќа за луксузен накит основана пред повеќе од два века, најпозната по своите украсни јајца изработени од драгоцени метали и камења.
Извор: Index.hr
