Според достапните податоци за споредба и последниот официјален родов индекс од 64.5 поени во 2022 година на нашата земја ќе и требаат отприлика 57 години да достигне целосна родова еднаквост, покажува истражувањето на Мрежа Стела за родовата еднаквост во економијата и политиката во нашата земја после 33 години независност.
,,Родовата еднаквост е еден од базичните постулати на нашиот Устав, кој гарантира еднакви можности и еднакви права за секоја индивидуа, без оглед на различностите. Статистиката изминативе години говори за зголемување и на родово-базираното насилство во нашето општество, што индиректно и директно влијае и на економската независност на жените, но и на нивното учество во политиката и одлучувачките процеси. Дополнително, родовите стереотипи и родовата дискриминација за жените во политиката и на повисоките позиции, сè уште се присутни, а најмногу родови стереотипи меѓу младите има по однос на политичката активност и учеството во донесување одлуки на жените”, се вели во анализата.
Системската поддршка и политичката волја се особени важна за постигнување на родовата еднаквост.
Мрежа Стела повикува и активно се заложува за донесување на Законот за родова еднаквост што треба да обезбеди потполна родова еднаквост во сите сфери на јавниот и приватниот живот со зајакнување на положбата и статусот на жената во општеството и овозможување на еднакви можности за остварување на сите права преку унапредување на родовата еднаквост.
Оваа активност е спроведена во рамките на проект поддржан од шведската Фондација Kvinna till Kvinna, имплементиран од Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство.*Европски институт за родова еднаквост*Анализа на родовите (не)еднаквости низ призмата на младите во Северна Македонија.