На Куба ѝ се заканува хуманитарна катастрофа: Мексико испраќа помош

Куба се соочува со сериозна хуманитарна и енергетска криза откако Доналд Трамп се закани со царини за земјите што ѝ доставуваат нафта, а Мексико најави испраќање помош.

Мексиканската претседателка Клаудија Шејнбаум најави нови пратки хуманитарна помош за Куба, откако американскиот претседател Доналд Трамп се закани со воведување дополнителни царини за земјите што ѝ доставуваат нафта на социјалистичката карипска држава.

„Оваа недела планираме да испратиме хуманитарна помош за Куба во форма на храна и други неопходни производи, додека преку дипломатски канали разговараме за можностите за испорака на нафта од хуманитарни причини“, изјави Шејнбаум на настан во градот Гуајмас, во северозападната мексиканска држава Сонора.

Таа додаде дека подготовките за испорака на помошта и основните животни потреби за кубанското население веќе се во тек.

Шејнбаум истакна дека досега не разговарала директно за ситуацијата на Куба со Доналд Трамп, кој им се закани на земјите што извезуваат нафта кон Хавана со дополнителни трговски мерки. Мексико е еден од најголемите снабдувачи со нафта за Куба, но истовремено и еден од најважните трговски партнери на САД.

Тешка хуманитарна и енергетска криза

Претседателката на Мексико уште во петокот предупреди дека Куба се соочува со сериозна хуманитарна криза. Според медиумски извештаи, Мексико во последните денови веќе ги намалило испораките на нафта за Куба под притисок на САД, иако за тоа нема официјална потврда.

„Додека не се постигне дипломатско решение, Мексико ќе продолжи да испорачува други производи од витално значење“, најави Шејнбаум.

Загриженост за ситуацијата изрази и папата Лав XIV, кој повика на „искрен и ефикасен дијалог“ меѓу одговорните страни со цел да се избегне насилство и да се спречи дополнително страдање на кубанскиот народ.

Чести прекини на струја и економски колапс

Куба редовно се соочува со долготрајни прекини на електричната енергија поради застарената електроенергетска мрежа и хроничниот недостиг на нафта. Во многу делови од земјата струја нема и по 12 часа дневно или повеќе.

Карипскиот остров моментално минува низ една од најтешките економски кризи од 1959 година наваму, кога по револуцијата беше воспоставен режимот на Фидел Кастро.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни