На инсистирање на Вучиќ жена јавно кажа дека не е биолошка мајка на детото што го чува

Под притисок на претседателот Вучиќ, жената јавно пред полна сала низ солзи признала дека не е биолошка мајка на детето

За време на посетата на српскиот претседател Александар Вучиќ во Бор и неговата средба со граѓаните, се случи емотивна и контроверзна сцена кога една жена, на инсистирање на претседателот, откри семејна тајна пред своето болно дете и присутната публика.

Сцената започнала кога Гордана Кариќ, корисничка на социјална помош, побарала збор за да укаже на административните проблеми со кои се соочува. Таа објаснила дека девет месеци не добила финансиска помош за своето дете, кое има сериозни срцеви проблеми и поминало низ неколку операции.

Наместо директен одговор за доцнењето на исплатите, Вучиќ застанал во одбрана на институциите, посочувајќи дека Центарот за социјална работа врши проверки на имотната состојба на корисниците и дека можеби постои законска пречка за исплата на помошта.

Жената одговорила дека нема никаков имот освен куќата во која живеат, при што видно вознемирена се обидела да ја прекине дискусијата, нагласувајќи дека не може да зборува за одредени детали пред детето.

И покрај предупредувањата дека момчето не ја знае вистинската семејна приказна, Вучиќ инсистирал да се објаснат сите околности за случајот да може, како што рекол, веднаш да се реши. Под притисок, жената низ солзи признала дека не е биолошка мајка на детето.

„Не ми дозволуваат да го посвојам. Јас сум негова стрина, неговата мајка почина. Се грижам за него 13 години и не сакав на овој начин да дознае дека не сум негова мајка“, изјавила таа пред присутните, додека момчето седело до неа.

По емотивниот момент, Вучиќ изјавил дека процедурите се сложени, но дека институциите ќе се обидат да го решат случајот во најкус можен рок, додавајќи дека жената „дефинитивно е мајка затоа што се грижи за детето“.

Сцената предизвика реакции и негодување во јавноста, особено на социјалните мрежи, каде се отвори дебата за начинот на кој се водела комуникацијата со граѓанката и чувствителноста на ситуацијата.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни